Пешевски за предлогот на Заев: „Прво па утка“

 

Неаргументиран, паушален, нерационален и неодржлив, направен без доволно анализа и проценка, го оцени на денешната прес - конференција вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, предлогот на лидерот на СДСМ Зоран Заев за поврат на ДДВ на секој граѓанин. 

Нагласувајќи оти предлогот е тотално промашување, Пешевски потсети дека оваа Влада изврши намалување на даноците, на персоналниот данок од доход и на данокот на добивка на 10 проценти. Тоа беа даноци, истакна, кои што претходно СДСМ ги имаше зголемено, а оваа Влада префрли и голем број на стоки кои се оданочуваа со ДДВ од групата која се оданочува со поголема стапка во групата која се оданочува со пониска стапка.

- Дури 60 проценти од приходите кои се собираат по основ на ДДВ доаѓаат од субјектите се големи компании (железарници, фабрики, рудници) и како такви тие немаат никаков контакт со граѓанинот како краен потрошувач, што значи дека 60 проценти од приходите кои се собираат по основ на ДДВ од старт се исклучуваат од оваа мерка која што ја предложи Заев што ја прави мерката тотално нефункционална и без никаков бенефит за граѓаните, појасни вицепремиерот Пешевски и додаде оти впечатокот за предлогот на Заев е „Прво па утка“.

Тој образложи дека над 90 проценти од субјектите со кои што граѓанинот е во однос на краен потрошувач односно колонијали, фризерски салони, кафулиња, авто перални, козметички салони, трафики, и останата малопродажба, не се обврзници по основ на ДДВ, и затоа повторно се докажува, посочи, дека оваа предложена мерка од Заев не само што е погрешна, не само што не е базирана на анализа туку е тотално неприменлива.

- Во 90 проценти од случаите Заев предлага на граѓаните да им се врши поврат на ДДВ од ништо, затоа што 90 проценти од субјектите кај кои граѓаните се краен потрошувач не се ДДВ обврзници. СДСМ не разликува и погрешно толкува дека секоја фискална сметка во себе содржи ДДВ, тоа е основно непознавање, оцени вицепремиерот.

Според Пешевски, токму заради овие причини со ова не само што нема да има повеќе приходи во буџетот, како што истакна Заев, туку, потенцира, во буџетот ќе има големи загуби.

- И хипотетички ако се спроведе оваа мерка на Заев не само што граѓаните нема да добијат средства по основ на оваа мерка, туку ќе нема средства ниту за пензионерите, ниту за социјалната помош, ниту за платите, ниту за болници, за училишта, за војската, за полицијата, и за други суштински потреби и затоа оваа мерка за нас е неприфатлива, рече Пешевски, додавајќи оти  со оваа мерка предложена од Заев ем буџетот ќе се испразни, ем граѓаните нема да земат ниту денар.

Поради сите овие факти, аргументи, докази и конкретни анализи со кои што се докажува дека мерката на Заев е тотално неиздржлива, истакна Пешевски, се гледа дека оној кој што го пишувал ова нема никакво искуство со економијата, со буџетот, а оној кој што го презентирал ова не може да води држава.

- Ова е крајно несериозна работа, и покажува по којзнае кој пат дека Зоран Заев нема капацитет да се справува со крупни државни политики, со предизвици и со сериозни анализи и сериозни предлози, рече на прес - конференцијата вицепремиерот Владимир Пешевски.

08.10.2013 - 21:37

најчитано сега