Членови на ДИК: Наводите на Кондарко и СДСМ се крајно некоректни и тенденциозни

Денеска членови на Државната изборна комисија реагираат дека наводите кои ги изнесува претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко и СДСМ се крајно некоректни и тенденциозни. 

Сашо Срцев, Влатко Сајкоски и Анета Стефановска од ДИК изјавуваат дека целта на некоректните и тенденциозни наводи е јавноста да добие погрешен впечаток дека надлежните институции не ги исполнуваат своите законски обврски поврзани со ажурирањето на Избирачкиот список иако во неколку наврати Македонија докажува дека има капацитет да спроведе фер и демократски избори.

Во врска со соопштението испратено од Државната изборна комисија тие укажуваат дека не биле запознаени ниту консултирани за неговата содржина, па затоа сметаат дека дел од наводите изнесени во соопштението се личен став на претседателот на ДИК, Борис Кондарко и во тој контекст сакаат целосно да се оградат од наводот дека поединечно или заедно на кој било начин ги опструирале или спречувале активностите поврзани со прочистувањето на Избирачкиот список, како што тенденциозно се посочува и во соопштението на СДСМ.

- Надлежноста на водењето на Избирачкиот список е исклучива надлежност на ДИК утврдена со Изборниот законик, што значи дека ДИК ја има водечката улога во тој перманентен процес. Работата на избирачкиот список не е прашање за надгласување или прашање за тесно партиска дневна политика. Водењето на избирачкиот список е една од основните алатки на овој изборен орган, истакнаа Срцев, Сајкоски и Стефановска.

Работната група, наведуваат тие, има мандат да спроведе проверка на податоците на Избирачкиот список согласно претходно усвоена методологија.

- Со работната група претседава членот на ДИК, Бедредин Ибраими, а во работата учествуваат претставници на сите надлежни државни институции, вклучувајќи ги и МВР, Државниот завод за статистика и Управата за матична евиденција, како и претставници на парламентарните политички партии.Согласно информациите кои ги добиваме од Ибраими, работната група фунцкионира беспрекорно при што сите дражвни институции вклучително и МВР се исклучително професионални и демонстрираат висок степен на подготвеност за соработка во однос на сите обврски кои произлегуваат од работната група, а кои се однесуваат на доставување на прегледи и информации во однос на податоците кои се неопходни за проверка на Избирачкиот список и евентуално отстранување на одредени недостатоци, наведуваат тројцата членови на ДИК.

08.10.2013 - 12:17

најчитано сега