СДСМ: Платите продолжуваат да растат, вработените во градинките со повисоки плати од 16 отсто
„Владата предводена од СДСМ и Министерството за труд и социјална политика продолжуваат со реализација на мерките што се во интерес на граѓаните и даваат реални резултати.
Со исплатата на јунската плата, стручниот кадар во градинките доби зголемување во просек од 16 отсто што е околу 3.000 денари во нето износ по вработен.
Зголемувањето на платите се прави согласно Законот за вработените во јавниот сектор и со него се опфатени над 3.100 вработени, односно воспитувачи, негователи, стручни работници и стручни соработници-педагог, психолог, логопед, дефектолог и други за вршење на работи поврзани со дејноста згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст“, соопштуваат од СДСМ.
„Истовремено се зголемуваат и платите на помошно техничкиот персонал во градинките, покачување што е усогласно со Колективниот договор.
Со планираното покачување од 5 отсто во септември годинава вработените во детската заштита ќе добијат уште едно зголемување со што вкупното покачување на платите ќе биде 21 отсто што е најголемо до сега.
Во изминатите две години отворени се 24 нови градинки, а досега се обезбедени 1.400 согласности за вработувања во градинките.
Владата предводена од СДСМ и ресорното министерство продолжуваат да вложуваат во подобрување на условите за работа во детската заштита и да спроведуваат мерки за унапредување на раниот детски развој којшто е клучен за понатамошниот развој на секое дете“, се вели во соопштението на СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа