Еве во чии раце отиде наградата „Григор Прличев“ 2013

Оваа година со наградата „Григор Прличев“ се закити авторот на поемата во ракопис „Азбукословецот“, Иван Василевски. Организаторот денеска го соопшти името на авторот кој на анонимниот конкурс беше пријавен  под шифра.

Василевски (1947, с. Босилово, Струмичко), дипломирал на Катедрата за југословенски книжевности на Филозофскиот факултет во Скопје. Работниот век го поминал, главно, во новинарството работејќи во повеќе редакции, а како дописник во Македонската информативна агенција-МИА замина во пензија.

Одлуката наградата да отиде во рацете на Василевски ја донесе тричлено жири во состав Милован Стефановски, претседател, и членовите Бранко Цветкоски и Иван Чаповски.

- Поемата „Азбукословецот“ со поднаслов „Во слава на свети Климент премудриот кој посеа житница на неграмотна нива и кој со песна ги допира ѕвездите“ е кохерентна целина на исклучително стамен пев составен од 1.110 стихови поделени на три дела. Со цврсто потпирање на нашата традиција на веќе усвоените вредности и освоените вертикали на подолгите поетски творби со лирско-епски карактер, овојпат со наградената поема добиваме дело за кое речиси со сигурност може да се предвиди дека ќе заземе едно од значајните места во македонскиот поетски трезор, рече вчера претседателот на жирито Стефановски, соопштувајќи ја одлуката.

Наградата „Григор Прличев“ на Василевски ќе му биде врачена на 5 февруари 2014 година во Охрид.

08.10.2013 - 10:07
Фото: 
Журнал.мк

најчитано сега