Заев: Не присвојуваа Македонците туѓа историја, туку Груевски и неговата политичка елита

 

Премиерот Зоран Заев во интервјуто објавено на грчката телевизија Алфа, а направено во Скопје, три дена пред изборите во Грција изјави, дека сме ја присвојувале светската и балканската историја како наша, македонска.

– Во минатото обидот да се промени и извитопери нашата историја со преземање на светска, балканска и туѓа историја како наша, без да се води сметка како тоа влијае кај соседите се предизвика состојба да бидеме буквално скарани скоро со сите соседи и се затворија сите процеси за интеграција во ЕУ и НАТО – рече Заев.

Откако ваквата изјава предизвика бура реакции на социјалните мрежи, премиерот се огласи на Фејсбук со свое оправдување.

Статусот ви го пренесуваме во целост: 

„Јас многу често и подолго време јавно говорам за злоупотребата на историјата во политички цели. Така беше и на интервјуто за грчката телевизија Алфа на која бев прашан и одговарав за минатите штетни политики на национализам и антиквизација.

Не може мене да ми се накалемува нешто што не јас, туку Груевски и неговата идеолошка машинерија го правеа 10-11 години.

Не присвојуваа Македонците туѓа историја, туку Груевски и неговата политичка елита и нивните послушници квазиексперти кои тргнаа во мемдиумска офанзива да оправдаат идентитетски инжинеринг.

Не македонскиот народ, туку Груевски и неговата пропаганда спроведоа идентитетски инжинеринг за да насадат нешто што не е природен, ниту суштински дел од македонскиот национален корен.

Спроведоа масивна и масовна културолошка операција наречена антиквизација за да букефализираат цел еден народ и со тоа да нѐ скараат со сите соседи. Им успеа цела деценија да нѐ држат во изолација.

И додека врвеа и ги поттикнуваа наводните дебати за тоа кои сме и што сме, нѐ фрлија во изолација и ги фрлија во мрачните подруми нашите приоритети - ЕУ и НАТО. Го уназадија и блокираа целиот процес.

И додека го правеа тоа, зад таа димна завеса, ги извршија сите криминали и политички злосторства заради кои сега се соочуваат со правдата.

Јас ја вложив целата моја политичка сила за да решам прашања за иднината и за сите идни генерации.

Нашата земја и нашиот народ се справија со антиквизацијата и јас ќе продолжам да зборувам јавно за потребата од мир и соработка на Балканот, но и за моментите од заедничката историја кои ги спојуваат и поврзуваат нациите“, напиша Заев на Фејсбук.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.07.2019 - 18:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега