„До крај ќе се борам за семејството и себе" - Ацо Конга си ја отвори душата за битката со тешката болест
Познатиот македонски музичар Ацо Богдановски-Конга, си ја отвори душата за весникот Вест и раскажа за битката со тешката болест со која се соочува.
- Ја почнав терапијата и се надевам дека ќе ми помогне. Ќе се борам со сите сили да заздравам. Сега тоа ми е најважно, да застанам на нозе, зашто во моментов сум врзан за постела. Да се исправам, да седнам на Фејсбук и на сите знајни и незнајни луѓе да им напишам една голема благодарница што се со мене во овие тешки моменти, вели Ацо во интервјуто за „Вест" .
Музичарот откако дознал за тешката болест започнал и да продава работи од дома, а меѓу нив се нашле и неговите конги за кои вложил многу труд, години и работа. Пејачот додава дека иако му е ампутирана раката, сепак не е обесхрабрен, а најголема поддршка во тешките моменти му се децата и сопругата.
- За мене, значеа живот. Но, кога ќе дојде ситуација и да се откажеш од најдрагото, многу е тешко. Кога дојдоа на ред за продавање, јас го доживеав најголемиот очај и покрај тоа што сум свесен дека повеќе нема да можам да свирам. Музичарите многу добро ќе ме разберат како сум се чувствувал. Но, сопругата и децата не дозволија да ги продадам, вели Конга за Вест.