Продолжува расправата за ребалансот на Буџетот

Во македонското Собрание од денеска продолжува расправата по ребалансот на буџетот за оваа година. За предложениот ребаланс со кој се додаваат средства на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и на МОН ќе расправа Комисијата за финансирање и буџет. 

Предлогот предвидува во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да се додадат 1,34 милијарди денари заради повисоките расходи во однос на индексацијата и дополнителни и 430 милиони денари во МОН за опремување лаборатории.

Средствата во овие ставки не се пренаменети, туку проширен е дефицитот на 3,9 проценти, а финансирањето е од Буџетот.

Со ребалансот нема да има кратење на реализацијата на капиталните инвестиции која оди добро и во првите осум месеци е 10 проценти повеќе од минатата година и се очекува до крајот на годината да се оствари предвидената реализација.

Кај другите ставки во Буџетот за 2013 година нема позначајни промени.

Министерот за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го предложениот ребаланс на Буџетот за 2013 година, вчера, рече дека од почетокот на годината до крајот на септември реализирани се приходи во Буџетот од 103.018 милиони денари, а на расходната страна 118.861 милиони денари. Обезбедена е редовна исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци, зголемени капитални инвестиции, зголемени субвенции...Дефицитот е 3,2 проценти од БДП или 15.843 милиони денари.

Пратениците од СДСМ вчера најавија дека нема да гласаат по предлогот и оти немаат поднесено амандмани на текстот. 

08.10.2013 - 08:39

најчитано сега