Канада го шпионирала Бразил

Документите на канадското разузнавање покажуваат дека Канада ги шпионирала комуникациите на бразилското Министерство за рударство и енергетика. 

Информациите за оваа шпионажа доаѓаат од Центарот за безбедност на телекомуникациите на Канада. Документите биле објавени од поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА) Едвард Сноуден, по кого трагаат САД откако на медиумите им откри огромен број на документи за електронско следење од страна на НСА.

Тие покажуваат детална листа на комуникациите на бразилското Министерство, на која се наоѓаат телефонски разговори, електронска пошта и пребарувања на интернет.

- Канада има интереси во Бразил, посебно во областа на рударството. Многу канадски фирми покажуваат интерес да работат во нашата земја. Не можам да кажам дали потребата да бидеме шпионирани е предизвикана од желбата да се фаворизираат бизнис интересите на некои компании, изјави бразилскиот министер за рударство и енергетика Едисон Лобао во интервју за телевизијата „Глобу“, оценувајќи го овој случај како сериозен.

Според телевизијата, канадската шпионска програма „Олимпија“ ги следела комуникациите на Министереството за да се проверат контактите на Бразил „со компании, различни од државниот нафтен гигант „Петробраз“, внатре во земјата или во странство“.

07.10.2013 - 12:01

најчитано сега