ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните со мерката за ДДВ можат да добијат само 156 денари месечно

 

Владејачката партија СДСМ денеска преку соопштение информираше дека почна мерката за поврат на ДДВ кај граѓаните и дека така ќе се вратат 50 милиони евра кон народот годишно.

- Една од клучните мерки на Владата предводена од СДСМ со која се враќаат парите кај граѓаните, започнува со реализација . Фискалните сметки во рака, за поврат на 15% од ДДВ. Преку проектот „Мој ДДВ“ вкупно околу 50 милиони евра завршуваат  кај граѓаните на крајот на годината. Повратот на ДДВ од 15 отсто значи доход плус во семејниот буџет. По низата мерки преку кои граѓаните веќе ги чувствуваат придобивките, Владата предводена од СДСМ продолжува со заложбите за  поголем економски раст, повеќе пари во семејниот буџет на граѓаните и повисок животен стандард, рекоа од СДСМ.

По ова се огласија со реакција и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

- Мерката Мој ДДВ е само обична популистичка мерка донесена од оваа влада, од која најголема корист ќе имаат најбогатите. Со оваа мерка сиромашните и просечните граѓани најмногу што можат да добијат се 156 денари во месецот или вкупно 1872 денари годишно, што е далеку  од ветените 30.000 денари кои што ги ветуваше Заев. Доколку СДСМ и Заев навистина се грижат за граѓаните тогаш најмалку што можат да направат за нив е да го вратат рамниот данок, да ја укинат акцизата за нафта која што тие ја покачија, да ги намалат цените на мало и конечно да почнат да ги реализираат капиталните инвестиции кои имаат најниско ниво на реализација во историјата на независна Македонија, стои во реакцијата на опозицијата испратена денеска.

          Според партијата, наместо Заев да носи популистички мерки, време е да започне да работи за решавање на проблемите на граѓаните.

         - Со Зоран Заев и СДСМ, граѓаните и државата само уназадува и осиромашува, а граѓаните го гледаат и чувствуваат тоа. Затоа на  Македонија и на граѓаните им се потребни промени, завршуваат од ВМРО.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.07.2019 - 11:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега