Триесет почесни конзули работно ќе ја шетаат Македонија

На покана на Министерството за надворешни работи, од 6. до 10. октомври во земјава ќе допатуваат 30-тина почесни конзули на Република Македонија во странство од различни земји во светот.

Според најавите од МНР, во рамки на Програмата која е предвидена, Почесните конзули на утре ќе остварат работен состанок со министерот за надворешни работи, Никола Поповски. На состанокот, освен анализа на досегашната работа ќе бидат утврдени приоритетите за идно делување на Почесните конзули на Република Македонија во странство.  

-Во функција на сеопфатно информирање за приоритетите на Владата на Република Македонија, како и заложбите за привлекување на странски инвестиции, промоција на извозот и презентирање на туристичките потенцијали на Република Македонија, Почесните конзули во Охрид на 8 октомври  ќе имаат работна средба со највисоките владини претставници од наведените сфери, соопштуваат од МНР.

За време на посетата Почесните конзули ќе остварат средби со градоначалниците на град Скопје, Коце Трајановски, на Битола, Владимир Талески и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески. На средбите треба  да бидат презентирани економските, културните и туристички потенцијали на овие центри. 

Во нивна чест, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов,  на 6. октомври ќе приреди прием во Музејот на македонската борба за државност и самостојност.

06.10.2013 - 13:37

најчитано сега