Ставрески: Транспарентен и фер избор за вработување на 1.600 лица

Министерот за финансии Зоран Ставрески вели дека очекува утрешното јавно извлекување за вработување на 1.600 лица од социјални категории, да се спроведе на транспарентен начин и работа да добијат оние на кои им е најпотребна.

- Со оглед на фактот дека распределбата ќе биде пренесувана на телевизија и изборот ќе се изврши јавно, а јавноста ќе може да го следи, убеден сум дека ќе се спроведе на најдобар транспарентен начин и оти оние кои ќе добијат работа, ќе бидат лицата кои најмногу и заслужуваат, иако и сите други кои конкурирале спаѓаат во овие категории на граѓани, рече денеска во Петровац, вицепремиерот Ставрески.

Тој истакна дека со овој проект, Владата ќе им излезе во пресрет на оваа категорија на граѓани и ќе им помогне да го дефинираат нивниот социјален статус. Од друга страна, додаде Ставрески, ќе се надополни недостатокот на кадар во оние институции каде во меѓувреме се намалил бројот на вработени.

- Проектот на Владата за вработување на 1.600 лица од најсиромашните семејства е направен на транспарентен начин со една хумана цел во истовреме да се реши прашањето на вработување онаму кадешто  има потреба во јавниот сектор, а од друга страна ќе им се овозможи на оваа категорија граѓани кои најмалку имаат шанса да се вработат да дојдат до работно место, рече Ставрески.

Владата најави вработување на 1.600 граѓани од социјални категории, распределени во четири категории - самохрани родители, лица кои подолго од 10 години се невработени, лица од многудетни семејства и лица кои во семејството немаат ниту еден вработен. Над 20 илјади граѓани се пријавија на огласот, а компјутерското рангирање ќе се изврши утре со директен пренос на Македонската телевизија. 

05.10.2013 - 13:59

најчитано сега