Тринаесет години од падот на Милошевиќ

Тринаесет години изминаа од петтооктомвриските случувања во 2000 година кога по масовни демонстрации на приврзаници на Демократската опозиција на Србија од власт замина тогашниот претседател на СРЈ, Слободан Милошевиќ, јави Танјуг.

Граѓаните на повик на ДОС откако изборната комисија оспори победа на нивниот кандидат Воислав Коштуница на изборите од 24 септември, почнаа да се собираат пред парламентот и тоа траеше неколку дена.

Во меѓувреме, лидери ан ДОС инсистираа на тоа дека Коштуница го победил во првиот круг Милошевиќ додека Изборната комисија соопшти дека кандидатот на ДОС освоил 49 отсто гласови и најави следен круг гласање.

ДОС тоа го одби и народот секојдневно се собираше, а следуваше и повик за генерален штрајк кој кулминирапше со протест на рудари во Колубара. Протестот во Белград беше најмасовен од почетокот на 90-те години.

Иако полицијата се обидуваше да ги запре колоните кои се упатуваа од внатрешноста кон главниот град на Србија, на крајот сите блокади беа пробиени.

Масовниот упад во тогашната зграда на Собранието уследи по 15 часот кога беше заземена и блиската полициска станица. Паралелно имаше и напади врз зградата на РТС каде беше запалено приземјето.

Полицијата даде отпор, но на крајот беше скршен, јави Танјуг. Пред платото меѓу Собранието и РТС пристигна и конвој оклопни возила за кои подоцна се дозна дека биле на Единицата за специјални операции на Службата за државна безбедност, но тие не интервенираа.

Милошевиќ во следниот ден се обрати до јавноста и призна дека доживеал пораз на изборите, на што претходел разговор со Коштуница. За време на тие немири беа повредени повеќе од 60 граѓани на Србија, а двајца загинаа. Во декември 2000 година беа одржани вонредни републички избори, јави Танјуг.

05.10.2013 - 11:18

најчитано сега