Прв македонски фолклорен фестивал „Гора 2013“

Македонското друштво Гора во соработка со Заедницата на Македоците во Албанија, на 12 октомври 2013 година, со почеток во 12 часот, за прв пат ќе организираат Македонски фолклорен фестивал „Гора 2013“ во село Борје, областа Гора, Албанија.

На Фестивалот ќе бидат изведени изворни македонски народни песни и ора од подрачјето на Гора.

Претседателот на македонското друштво Гора, Аднан Ќејвани за весник Македониум изјави дека фестивалот е од национален интерес за културна афирмација на Македонците од Гора, Албанија.

Оваa година за прв пат организираме фолклорен фестивал во Гора, со изворни песни и ора од подрачјето на Гора. Ќе се обидеме овој фестивал да стане традиција. Овој фестивал е од голема важност за Македонците од Гора затоа што ова е единствена прилика за негување и одржување на нардоните македонски ора и песни во Гора.- изјави Аднан Ќејвани за весник Македониум.

На фестивалот се очекува присуство од областа Гора во Албанија и Косово. Регионот на Гора, поделен е на три држави, Албанија, Косово и Македонија. Во областа Гора во Албанија има девет села населени со Македонци и тоа селата Запот, Кошариште, Пакишта, Оргоста, Црнелево, Орошек, Очикле, Борје и Шиштавец. Во Гора на Косово има дваесет села населени со Македонци, додека во Македонија има две села од областа Гора населени со Македонци. (Македониум)

05.10.2013 - 10:31