СДСМ по најавата за оставка на Груевски: Се гледа дека Мицкоски исполнува команди од Будимпешта
Никола Груевски, екс-премиерот кој е во бегство во Будимпешта се огласи на социјалната мрежа Фејсбук и најави дека дава оставка од пратеничката функција.
- Одлучив да се повлечам од пратеничката функција а за истото формално правно парламентот ќе го известам во наредните денови. Им благодарам на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што издржаа на принципиелните позиции кои се во склад со уставот и меѓународното право и не потклекнаа на притисоците. Посебно благодарност до илјадниците граѓани кои на различни начини, преку лични контакти или преку социјалните мрежи во изминатите денови ми даваа огромна подршка и покрај сиот притисок и неправди, покрај сите лажни пропаганди и лични ризици, покажаа дека чувството за правда и правичност, отпор, неприфаќање и бунтовност пред неправдата, останува водилка на македонскиот народ и граѓани, колку и инсталиранста власт да промовира поинакви и спротивни на овие вредности. Да живее Македонија, е дел од пораката на Груевски на Фејсбук.
По ова се огласија и од владејачката СДСМ со соопштение до јавноста.
- Најава на осудениот криминалец, Никола Груевски, дека ќе поднесе оставка како пратеник, ја потврди неговата директната поврзаност со Христијан Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ се води од Будимпешта, Груевски од таму дава команди, Мицкоски исполнува. Одлуките на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, однесувањето на Мицкоски, однесувањето на пратениците на оваа партија во мандатно имунитетната комисија, кои не гласаа за одземање на мандатот, е по наредба на Груевски и во директна координација со Мицкоски, велат од СДСМ.
Додаваат дека Мицкоски нема храброст ништо да направи, дури ниту да постапи по Закон и Устав, ниту да донесе некаква одлука.
- Со најавената оставка Никола Груевски му помага на Мицкоски, го спасува, за неговата потчинетост и неспособност да постапи по закон, кои се веќе толку видливи и граѓаните ги препознаваат. Пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои се обвинети во судски процеси, меѓу кои и Трајко Вељановски, Тарчуловски, Милошовски треба да поднесат оставки од морални и правни причини, завршуваат од СДСМ.
Инаку, оваа недела на седницата за одземање на мандатот на Груевски имаше тензична атмосфера. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се изјаснија за предлогот, ниту гласаа за дневниот ред на седницата.
Невенка Стаменковска рече дека Никола Груевски не ги исполнува условите бидејќи пријавувањето за отсустен во ова Собрание е спречен да го направи и тоа спречен точно од целата пратеничка група на СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа