СДСМ: Град Скопје соработува со компаниите почитувајќи ги сите законски постапки
ВМРО-ДПМНЕ продолжува со очајно ширење лаги и измислување непостоечки случаи со кои се обидува да ја манипулира јавноста, велат од владејачкиот СДСМ како реакција на денешните обвинувања изнесени од Димче Арсовски дека Шилегов ѝ доделил тендер од 967.600 денари на фирмата на партнерот на Царовска.
„Како што јавно соопшти Град Скопје, соработката со посочената компанија се заснова на јавен повик за јавна набавка која е помината низ сите законски постапки и спроведена јавна набавка на која можат да учествуваат сите компании што ги исполнуваат условите“, објаснуваат од СДСМ.
Од таму додаваат дека уште еден факт со кој се побиваат шпекулациите и невистините на ВМРО-ДПМНЕ е оти истата оваа компанија соработувала со Град Скопје и во минатото, кога градоначалник бил Коце Трајановски.
Владејачката партија смета дека граѓаните одамна ја препознале ВМРО-ДПМНЕ како извор на лажни вести и затоа, како што велат од таму, никој веќе не верува во лагите и измислиците од белиот дворец.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа