Ахмети не дава Заев да мете во неговиот двор
ДУИ не го крие незадоволството од најавите на Заев дека „операцијата Метла“ ќе ги фати и функционерите од Мала Речица.
По најавате за метла на премиерот и вицепремиерот Османи но и пратнеикот Артан Груби во повеќе наврати изразија негодување, коментирајќи дека таков концепт за нив не е прифатлив.
Османи вчера во ТВ емисија на МТВ, “операцијата метла“ ја нарече дегутантна.
„Оваа операција е дегутантна. Персоналните решенија не се суштински, туку резултатите. На крајот се гледа какво е манаџирањето на самата Влада, а не на некој индивидуалец. Се наликува на политичко шоу. Се знае дека треба да има промени онаму каде што ќе се насочи фокусот на самата Влада. Ако сега фокусот е на економијата, треба таму да се очекуваат. Со „метла“ се чисти нечистото, а не може да се етикетира некого со тоа. Мора да се почитуваат соработниците. Патем, оваа Влада направи нешта што никоја друга не успеа повеќе од 20 години, гласи ставот на Османи за најавената „метла“.“ – рече Османи.
Ахмети пак, вчера во изјава за медиумите предложи јавните функционери да поминуваат низ т.н. процес на ветинг кој треба да овозможи проверка на потеклото на нивниот имот.
„Со ветинг процедура ќе бидеме поуспешни во владеење на земјата и ќе се намалат измислувањата и нападите во јавноста против различни функционери. Не сум во тек со случајот за Богоевски и затоа бараме ветинг “ – рече Ахмети.
Заев денеска како да се обиде да ретерира.
„ Иако симболиката дојде од зборот „метла“, сепак, се работи за луѓе професионалци. Зборуваме за ароганција, за неисполнување на очекувањата од одредени институции и зборуваме за немукаетност или неможност да се постигнат очекуваните цели кои граѓаните ги очекувале. Значи зборуваме за личности, не зборуваме за припадници на политички партии или професионалци кои се во Владата. Сите оние кои покажале слабост од ваков карактер вредно е да се размислува да бидат променети со други луѓе, изјави Заев по дебатата за нацрт текстот на Националната стратегија за развој на коцептот за едно општество и мултикултурализам.
И додека министрите на СДСМ само се надеваат дека токму тие нема да бидат „изметени“ од Заев, оние на ДУИ велат дека тие, одговорност имаат само пред Ахмети и партиските органи во Мала Речица.
Политичките аналитичари велат дека веќе не е тајна дека „метлата“ на Заев ќе донесе нови проблеми во коалицијата со Ахмети, особено доколку интегративците останат на позицијата дека за нивните кадри ќе решаваат сами и инсистираат на истиот персонален состав. Анализите велат дека постои можност ваквиот проблем да биде надминат со тоа што ќе се направи смена на одредени ресори во Владата па на тој начин ќе се добие слика дека некаква реконструкција сепак имало.
Доколку тоа не се случи, аналитичарите се согласни дека метла само во редовите на СДСМ ќе биде далеку од она што го очекуваат граѓаните и ќе ја стави под знак прашалник изјавата на Премиерот Заев дека по првиот изборен круг, Владата ја сфатила пораката од граѓаните.
А.С.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа