Горан Момироски: Власта сега ќе се обиде да ја претстави опозицијата како „црн ѓавол“

 

Новинарот Горан Момироски, кој беше шеф на граѓанскиот изборен штаб на Гордана Сиљановска Давкова на овие претседателски избори, вели дека ова искуство му овозможило многу пореално да ја согледа сликата за македонското општество и низ призмата на политиката, но и низ призмата на капацитетите на општеството за градење домократија.

-Македонија е мала земја, сите се знаеме, се лажат сите што мислат дека тоа што се случуваше сега, или тоа што се случувало порано во предходната влада ќе се заборави брзо. Секој ќе треба да се избори со своите духови, да докаже дека навистина е професионалец или пак да покаже дека е залутан во професијата. Не очекував провладините медиуми да бидат коректни во кампањата  и тоа за жал се случи, но ме радува што луѓето веќе точно знаат што е спин, што е лага, што е нарачан текст или анализа и манипулациите веќе не минуваат лесно. Улогата на социјалните мрежи во овој контекст е огромна. Граѓанските - новинари на Твитер многу добро го пополнија јазот што е создаден од новинарите и медиумите што пласираат нарачани невистини и ако фелата не се освести наскоро социјалните мрежи целосно можат да ја преземат улогата на новинарството да информира и да создава јавно мислење, вели Горан Момироски во интервју за Прес24.

Вели дека се уште не одлучил дали ќе и се врати на професијата, или пак својот професионален ангажман ќе го продолжи на друго поле, но смета дека неговото учество во кампањата на Сиљановска- Давкова не е политички ангажман, туку пред се граѓански.

- По изборите сите правиме анализи, и партиите, и кандидатите и ние што работевме како некакви експерти заедно  со нив. И мојата анализа ќе покаже дали на Македонија повеќе сум и потребен како новинар во ТВ Алфа каде што наскоро ќе ми заврши неплатеното отсуство поради изборите или во некој друг капацитет.  Или можеби анализата ќе покаже дека на Македонија воопшто не сум и потребен и ќе можам да почнам да размислувам за пензија од било каква јавна работа, вели во интервјуто за Прес24.

За Момироски овие избори тешко можат да го заслужат епитетот фер и демократски, бидејќи како што вели „Фер избори не се само ако нема безочно полнење кутии од 18 до 19 часот, или ако сега немало гласање со светски рекорди со гласање во просек по 5 секунди за гласач.

-Има многу елементи кои укажуваат на нефер избори, тргнувајќи од односот на одредени медиуми кон кандидатот на опозицијата,  од директното учество на премиерот и министри во кампањата и тоа во работно време иако тоа е забрането, од политичките договори и трговии насочени против еден кандидат.Зарем мислите дека 97 % од гласачки ливчиња за еден кандидат на едно избирачко место укажува на фер избори, вели Момироски во интервјуто.

За него клучна улога во поразот на Сиљановска одиграле албанските политички партии, но и Исламската Верска Заедница.

-Мислам дека е јасно што се случи. Откако стана јасно дека професорката Силјановска - Давкова предизвика тектонски промени на политичката сцена и дека во фер битка таа ќе победи во вториот круг, дојде до полутаен договор меѓу СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА кои помогнати од ИВЗ одлучија да победи господинот Пендаровски. Што им е ветено на овие структури од страна на премиерот ќе видиме во наредниот период. Зошто господата Села и Касами се согласија да не станат најголема политичка сила во албанскиот блок и да го спасат господинот Али Ахмети од политичка смрт ќе покаже времето.  Практично Села и Касами самите решија дека не сакаат предвремеи избори кои беа извесни ако победеше кандидатот на опозицијата. Друго прашање е како реисот на ИВЗ од отворање на војна на владата за само неколку дена индиректно повика на гласање на кандидатот на власта е прашање за кое сега може одговор да даде само тој, вели Момироски во Интервјуто за Прес24.

Тој смета дека сега одткако власта има апсолутна власт, Македонија ќе влезе во нов процес на криза, наспроти очекувања за стабилизаицја на политичката сцена. Вели резултатот од изборите му овозможуваат сериозна предност на ВМРО ДПМНЕ, во случај на парламентарни избори, што за власта е сигнал за нови притисоци врз опозицијата.

-На Заев во моментов не му одговара стабилност во земјата и се плашам дека со помош на дел од владините институции и правосудните фактори ќе се обиде да креира конфликти со цел да ја скрие својата импотентност во владеењето, неуспехот во реформите но и да ја прикаже опозицијата како ,,црн ѓавол". Нему му е јасно дека на парламентарни избори пред се поради корупцијата, непотизмот, неможноста да го злоупотребува МВР и неспособноста на владата ќе загуби најмалку 150 илјади гласови од албанската и другите помали заедници и затоа мислам дека треба да очекуваме сериозни премрежија на политичката сцена. Во нормална држава нормален премиер уште по неуспешниот референдум ќе беше доблесен и сам ќе заминеше како што јавно вети. После ваква пирова победа, односно губење на 150 илјади гласови за 18 месеци, тој мораше да признае дебакл и сам без никој да му бара, да распише предвремени избори. За жал Македонија одамна не е нормална држава, вели Горан Момироски, шеф на граѓанскиот изборен штаб на Гордана Сиљановска Давкова во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Овие претседтелски избори ги поминавте со едно ново искуство како шеф на изборниот штаб на Гордана Сиљаноска Давкова. Како новинар, овој пат бевте на другата страна. Какво е вашето искуство?

МОМИРОСКИ: Искуството е непроценливо. Една работа е да бидете од учесник во политичките процеси и во изборите како новинар, а сосема друго како активен актер во кампања конкретно како шеф на граѓанскиот штаб на кандидатката Гордана Сиљановска Давкова. Навистина ми е чест што можев од прва рака да ги слушам нејзините идеи и решенија за Македонија, да слушнам анализи до кои досега не бев во можност да допрам, а во некои од нив и да учествувам. Имаше што да се научи, не само од неа туку од целиот тим од педесетина интелектуалци кои се потпишаа на кандидатурата на професорката Сиљановска Давкова но и од луѓето од ВМРО-ДПМНЕ со кои тесно соработувавме во кампањата.

Во овие четириесет дена официјална кампања, но и во подготвителниот период кога професорката се бореше да ја добие довербата од делегатите на конгресот на опозицијата сретнав илјадници обични луѓе, членови на ВМРО-ДПМНЕ, Либерали, дури и многу социјалдемократи, Македонци, Албанци, Роми, Турци, активни и пасивни гласачи, бојкотирачи, луѓе од дијаспората.... сите тие имаат една мисла: како Македонија да биде добро место за живеење. Тоа е најголемото богатство што го добив од кампањата во која како и сите други во тимот вклучително и професорката Сиљановска Давкова работевме како волонтери. Енергијата што ја добив од луѓето само ми ја потврди тезата дека без разлика на разочарувањата што ги доживуваме сите, без разлика кои сме и што сме мора до крај да се бориме за подобра Македонија. Звучи можеби за некого патетичнно, но тоа е вистината.

ПРЕС24:  Колку сте задоволни од начинот на кој медиумите ги покриваа овие избори?

МОМИРОСКИ: Медиумите не се различни од политичките партии, од институциите, од невладините организации, од верските заедници. Не можете да очекувате само медиумите да бидат професионални, а сите други да се корумпирани и манипулативни. И меѓу новинарите има луѓе што грешат, некои свесно, некои од незнаење, некои поради лукративни причини, некои затоа што имаат таква наредба од сопствениците или од партиите. Но за среќа таквите се помал број и сите знаеме кои се тие што работат на одреден несоодветен начин поради идеолошко убедување, кои за пари, а кои од страв. Македонија е мала земја, сите се знаеме, се лажат сите што мислат дека тоа што се случуваше сега, или тоа што се случувало порано во предходната влада ќе се заборави брзо. Секој ќе треба да се избори со своите духови, да докаже дека навистина е професионалец или пак да покаже дека е залутан во професијата. Не очекував провладините медиуми да бидат коректни во кампањата  и тоа за жал се случи, но ме радува што луѓето веќе точно знаат што е спин, што е лага, што е нарачан текст или анализа и манипулациите веќе не минуваат лесно. Улогата на социјалните мрежи во овој контекст е огромна. Граѓанските - новинари на Твитер многу добро го пополнија јазот што е создаден од новинарите и медиумите што пласираат нарачани невистини и ако фелата не се освести наскоро социјалните мрежи целосно можат да ја преземат улогата на новинарството да информира и да создава јавно мислење.

Посебен феномен се случува(ше) на  телевизиските дебати во кој практично немаше претставници на опозицијата или на пример членови на тимот на професорката Сиљановска, а имавте по тројца апологети на власта и по еден таканаречен „Вмровец“ кој некогаш бил дел од опозицијата, а сега игра за власта. Создавање на лажна демократија и лажна дебата е стара игра која ја играше и предходната власт, но мислам дека сега добива најкомични размери. Јас сум уверен дека граѓаните не се глупи за какви што ги сметаат дел од политиочарите и медиумите.

ПРЕС24:  На крајот од овие избори, која е Вашата оценка за демократскиот капацитет на државата за организација на фер избори?

МОМИРОСКИ: За да се одговори на ова прашање мора да ве упатам на прелиминарниот извештај на ОБСЕ -ОДИХР каде што не се споменува оваа фраза „фер избори“ како оценка за процесот туку се зборува за добро спроведени избори.  Фер избори не се само ако нема безочно полнење кутии од 18 до 19 часот, или ако сега немало гласање со светски рекорди со гласање во просек по 5 секунди за гласач.

Има многу елементи кои укажуваат на нефер избори, тргнувајќи од односот на одредени медиуми кон кандидатот на опозицијата,  од директното учество на премиерот и министри во кампањата и тоа во работно време иако тоа е забрането, од политичките договори и трговии насочени против еден кандидат.

Зарем мислите дека 97 % од гласачки ливчиња за еден кандидат на едно избирачко место укажува на фер избори. Фамилијарно гласање, таканаречено прокси или посредно гласање се само дел од болните точки на македонската демократија и тоа мора да запре. Исплаќање на 29 милиони евра субвенции за земјоделците на три денапред избори сигурно не значи фер избори. Вработувања во државни институции на илјадници луѓе, или нивно држење под договор на дело до избори е само дел од играта која трае со децении и таа мора да престане. Користењето на полицијата и другите безбедносни структури во убедувањето на луѓето како да гласаат, не смее да продолжи.

Плаќањето пари на најранливите категории граѓани за да го дадат својот глас за некој од кандидатите, во случајов се знае за кого, е уште една македонска традиција која ја труе општата политичка атмосфера и се плашам дека ако наскоро нема промена на изборниот законик и почитување на изборниот кодекс Македонија ќе има сериозни проблеми при оценката на ЕУ за (не)исполнетите критериуми од Копенхаген.

ПРЕС24:  Во привиот круг разликата меѓу Давкова и Пендаровски беше минимална. Но, што се случи меѓу двата круга?

МОМИРОСКИ: Мислам дека е јасно што се случи. Откако стана јасно дека професорката Силјановска - Давкова предизвика тектонски промени на политичката сцена и дека во фер битка таа ќе победи во вториот круг, дојде до полутаен договор меѓу СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА кои помогнати од ИВЗ одлучија да победи господинот Пендаровски. Што им е ветено на овие структури од страна на премиерот ќе видиме во наредниот период. Зошто господата Села и Касами се согласија да не станат најголема политичка сила во албанскиот блок и да го спасат господинот Али Ахмети од политичка смрт ќе покаже времето.  Практично Села и Касами самите решија дека не сакаат предвремеи избори кои беа извесни ако победеше кандидатот на опозицијата. Друго прашање е како реисот на ИВЗ од отворање на војна на владата за само неколку дена индиректно повика на гласање на кандидатот на власта е прашање за кое сега може одговор да даде само тој. Сигурен сум дека во периодот пред нас  ќе ги добиеме одговорите на сите овие прашања.

ПРЕС24:  Ако во минатото, барем последните десетина години, на политичката сцена во Македонија беше критикуван недостакот на соочувања, сега овие избори беа со најмногу ТВ Дуели на кандидатите. Не Ве прашувам за кој како поентирал, туку колку овие ТВ соочувања беа пресудни, важни за гласачите да го одредат, или пак да го сменат своето мислење?

МОМИРОСКИ: Според светските искуства самата кампања дури и во релативно демократски земји како Македонија може да ја смени политичката ситуација меѓу 0,5 и 3 % во смисла на промена на рејтинг. Ми се чини дека во Македонија сега се случи преседан и промената на јавното мислење беше многу поголемо од тоа што е некаков светски стандард. Дел од причините лежат токму во големиот број на ТВ дебати каде што граѓаните јасно можеа да видат кој кандидат е најдобар по повеќе параметри. Од познавање на законодавство и европски стандарди, преку лични принципи, ораторски вештини, нудење решенија или идентификација на проблеми. Според нашите анализи на секоја од дебатите професорката Сиљановска добиваше меѓу 2 и 5 илјади нови приврзаници. Лично јас добив стотици телефонски повици после секоја од дебатите во кои луѓе кои што предходно имале друга намера ми кажуваа дека ќе гласаат за неа. Лично ќе бев посреќен прашањата во дебатите да бидат различни во секоја од дебатите, но тоа е сепак работа на новинарите и медиумите во која што не би сакал да се мешам. Во секој случај здрава работа е да се има дебати иако во иднина ако повторно бидам дел од ваков процес ќе сугерирам поинакво форматирање на дебатите меѓу кандидатите.

ПРЕС24:  Се чини дека последните две недели, практично периодот пред вториот круг, дијаметрално се разликуваше од претходните кампањски денови пред се во реториката, но и во партиските акстивности за меѓусебно оцрнување на пртотив кандидатите. Чија идеја беше тоа во Вашиот табор и дали таа кампања негативно се одрзи?

МОМИРОСКИ: Самото ваше прашање укажува на фактот дека власта успеа да наметне јавен наратив според кој двете страни воделе црна кампања со што не можам да се согласам. Црна кампања не е ако објавите дека власта не остварила ниту едно свое ветување, од плата 500 евра, до зголемување на пензиите. Црна кампања не е ниту ако објавите видео снимка од кандидатот во која велел дека нема шанси да го смени името, а сега тоа е променето и тој тоа го брани како најдобро решение. Но црна камапња е ако преку луѓе кои добиле ветувања за повисоки научни звања, вработувања на деца, директорски места се шират гнасни лаги за еден од кандидатите. Сиљановска беше обвинета за еден спот и тој спот веднаш беше тргнат од медиа плановите иако дури и АВМУ не оцени дека со тој спот е прекршен кодексот за коректна кампања.

Црната кампања ја водеше власта и се надевам дека на крајот разбраа дека тоа не им донесе ништо добро. Да не беше изборно-партискиот инжинеринг СДСМ немаше да освои ниту 250 илјади гласови делумно и поради тоа што граѓаните сфатија дека во недостаток на вистински пораки и дела СДСМ започна црна кампања.

 Не заборавајте дека премиерот Заев уште во првиот дел од кампањата ја обвини Сиљановска дека е задоена со криминал за што се разбира не даде никакви докази. Не заборавајте дека уште пред кампањата да почне власта преку своите послушници објави видео од синот на кандидатката и се обиде да прикаже дека е лошо ако некој свири на кавал во парк и парите од минувачите ги дава на деца без родители или деца питачи. За среќа граѓаните го осудија овој дел од црната кампања на власта иако некои медиуми беа упорни да докажат дека хуманоста на член на семејството на Сиљановска била грешка.

ПРЕС24:  Очекувате ли стабилизирање на политичката сцена сега по изборот на Пендаровски. Власта практично сега има апсолутна власт?

МОМИРОСКИ: Јас уште пред две години на една дебата реков дека не би сакал да сум во кожата на премиерот Заев знаејќи дека ќе се случуваат сите овие процеси и знаејќи го капацитетот на тимот што тој го предводи. Во наредниве неколку месеци ќе бидеме сведоци на жестока битка на власта да прикаже нормалност, да покаже дека се е во ред и во исто време да ги засили притисоците врз сите граѓани преку институциите. Тие што знаат како владееше СДСМ во 1997-98 и во 2005-6 знаат дека на оваа партија повторно и се случува тотална безидејност што е полоша од грешките што се прават додека се обидувате да направите некаква реална реформа.

Повлекувањето на премиерот Заев од челното место во Советот за реформи во правосудството најдобро покажува колкава е безидејноста на владата. Пораката од Париз и Берлин не е проста смена на шефот на ова тело туку владата да ги остави професионалците помогнати од странските експерти да направат нешто во најболната точка за Македонија во контекст на ЕУ. Со новата шефица на советот министерката Дескоска останува главниот проблем, политички стеги на реформата во правосудството, токму она за што не критикува Брисел.

Еден од проблемите на власта е што таа нема подготвено проекти на кои се работи подолго време и сега би се ефектуирале. Не гледам што е тоа што власта може да го направи ниту на краток рок во контекст на датумот за преговори со ЕУ ниту на среден рок до наредните избори во контекст на подобар живот и повисок стандард. На сите им е јасно дека економијата живее на шкрги и дека повисоката просечна плата е вештачки зголемена со странски кредити, со примањата на синот на Мира Дизел, со платите на фирмите на децата на советниците на премиерот кои ги добија преку Фондот за иновации, и со вработените членови на семејствата на владините и партиските функционери на власта во МЕПСО, ЕЛЕМ и другите јавни компании.

Би сакал да грешам, и власта да направи исчекор во било кој сегмент но за жал не гледам простор.

На власта и на премирот ќе му биде тешко и поради враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на позицијата убедливо најголема македонска политичка партија. Првичните анализите на аналитичарите на резултатот покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ има меѓу 7 до 12 пратеници повеќе (во зависност од излезноста) ако резултатот се аплицира во пратенички мандати што Мицкоски го прави извесен иден премиер без разлика дали ќе има предвремени или редовни избори. Овој резултат го постигна Мицкоски кој во моментов се соочува со сериозни предизвици во партијата, иако добар дел од фракционерите уште во кампањата станаа свесни дека е ова ново ВМРО и лично гледав како помагаа со цел победа на Сиљановска дури и ако јавно се во конфликт со партијата. Замислете што ќе се случи на парламентарни избори со целосна консолидирана и реформирана ВМРО-ДПМНЕ, која ќе има конкретна програма, со одмрзнат имот, научени лекции од минатото, и која како што видовме во Брисел има сериозна поддршка од ЕПП. Фактот што и покрај сериозната црна кампања десетина илјади Албанци гласале за граѓанската кампања на Сиљановска доволно говори за капацитетот на опозицијата да продре кај сите граѓани освен кај Македонците каде што разликата е над 100 илјади гласови.

На Заев во моментов не му одговара стабилност во земјата и се плашам дека со помош на дел од владините институции и правосудните фактори ќе се обиде да креира конфликти со цел да ја скрие својата импотентност во владеењето, неуспехот во реформите но и да ја прикаже опозицијата како ,,црн ѓавол". Нему му е јасно дека на парламентарни избори пред се поради корупцијата, непотизмот, неможноста да го злоупотребува МВР и неспособноста на владата ќе загуби најмалку 150 илјади гласови од албанската и другите помали заедници и затоа мислам дека треба да очекуваме сериозни премрежија на политичката сцена. Во нормална држава нормален премиер уште по неуспешниот референдум ќе беше доблесен и сам ќе заминеше како што јавно вети. После ваква пирова победа, односно губење на 150 илјади гласови за 18 месеци, тој мораше да признае дебакл и сам без никој да му бара, да распише предвремени избори. За жал Македонија одамна не е нормална држава.

ПРЕС24:  Велат кога еден новинар ќе ја помине линијата и ќе застане од другата страна, од страната на политиката, враќање нема, иако кај нас во Македонија имало и таквио случаи. Останува ли Горан Момироски во политиката?

МОМИРОСКИ: Не мислам дека водење на граѓански штаб е минување на некоја граница преку која не можете да се вратите назад. Од моите почетоци како новинар досега неколку пати ја минував оваа граница работејќи за ОН, странски организации и институции по што се враќав во новинарството. Љубовта кон пишаниот и кажаниот збор која почна пред речиси 40 години со филмот „Година на опасно живеење“ со Мел Гибсон кој во филмот е новинар - дописник од Индонезија, засега е преголема за да се откажам од новинарството и  да се занимавам со политика. Иако во животот не секогаш оди онака како што планирате. По изборите сите правиме анализи, и партиите, и кандидатите и ние што работевме како некакви експерти заедно  со нив. И мојата анализа ќе покаже дали на Македонија повеќе сум и потребен како новинар во ТВ Алфа каде што наскоро ќе ми заврши неплатеното отсуство поради изборите или во некој друг капацитет.  Или можеби анализата ќе покаже дека на Македонија воопшто не сум и потребен и ќе можам да почнам да размислувам за пензија од било каква јавна работа. 

ПРЕС24:  Од Ваша сегашна гледна точка, каква е Вашата оценка за капацитетот на партиите за комуниација со медиумите. Колку и до кој степен овде треба да се менуваат работите?

МОМИРОСКИ: Не се само партиите тие што треба да го менуваат својот однос со медиумите и јавноста генерално . Институциите мораат во корен да го променат својот однос кон јавноста.  Политичките фактори мора да договорат кодекс на однесување кој нема да важи само на избори туку постојано. И тој ќе се однесува на сите, а не само на власта или само на опозицијата. Пред се тој кодекс мора да ги заштити медиумите кои што во таа битка меѓу една или друга власт, или во тој страв од одмазда од една или друга партија, мора да играат неконвенционално со цел да преживеат. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса мораат да се договорат да не ги малтретираат медиумите секогаш кога имаат моќ да го сторат тоа. Ми се чини дека опозицијата ја научи таа лекција од предходното владеење, а за власта е подобро со време да го разбере тоа ,пред да лупне на земја. Земја со контролирани медиуми не може да прави реформи ниту може да оди напред во демократските процеси. Се додека комуникацијата на партиите на власт кон медиумите е еднонасочна во Македонија ќе нема вистинска демократија. Можеби треба да се размисли моделот кој државата го користи за финансирање на политички партии на избори да се искористи и кај медиумите. 

ПРЕС24:  Долги години сте во новинарството, ако треба да наравите еден пресек на најлош и најдобар период за новинарството од незавиосноста до сега, како тоа би го дефинирале, кои се тие години?

МОМИРОСКИ: Започнав во МТВ со Соња Гиздавиќ во далечната 1991 година во Младински канал, а потоа цели 8 години во Добро Утро Македонија каде уредник, и чест ми е да кажам ментор, ми беше легендарниот дописник на Јутел Иван Андреевски - Мачето. Прекрасни времиња, тешки но инспиративни. Како утринска програма водевме војна со дневно инормативна редакција во која не смееше ни збор да се каже за Киро Глигоров и за Бранко Црвенковски. Убави спомени ме врзуваат за сите медиуми каде што сум работел, но во поглед на тоа што научив од колегите, во поглед на влијанието врз јавноста, во поглед на стекнатото искуство секако најнезаборавно беше работењето во А1 телевизија. Со оваа телевизија ме врзуваат и најубавите и најтешките моменти од новинарството. Позитивните поради наградата Мито Хаџивасилев Јасмин   кога целото жири составено од колеги гласаше за мене, а негативните од затварањето на А1 кое го доживеав трагично иако јас долго пред да се случи тоа веќе бев дел од тимот на Канал 5.

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.05.2019 - 12:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа