Ристовски ја отфрли иницијативата на „ХЕРА“: Обрзовниот систем овозможува соодветно сексуално образование

Министерот за образование на наука Спиро Ристовски денеска во Охрид ја отфрли иницијативата на Невладината организација „ХЕРА“ за воведување посебен предмет сексуално образование во образовниот систем на Македонија. Ристовски го отфрли и предлогот на „ХЕРА“ за употреба на нивниот прирачник како средство за едукација на младата популација, објаснувајќи дека прирачникот веќе има добиено негативно мислење од Бирото за развој на образование.

- Денеска бевме информирани за иницијативата, за воведување посебен предме и посебен учебник за сексуално образование, но не било кој учебник или од било кои автори, туку нивниот кој тие го изработиле како сопствен проект. Ниту една иницијатива нема да не примора да прифатиме било каков учебник да биде употребуван во рамки на образовниот систем на Република Македонија, рече Ристовски.

Министерот објасни дека негативната оценка од Бирото за развој на образованието, за Министерството е доволен показател дека не ги исполнува доволно условите за да биде употребуван за едукација на младата популација.

- Во рамки на образовниот систем на РМ, во рамки на предметот за животни вештини, со поддршка на УНИЦЕФ, е изработен посебен прирачник врз основа на кој се информираат учениците за повеќе животни вештини, очекувања и состојби во текот на нивниот раст и развој, меѓу кои има и дел посветен на сексуалното обраозование. Според нас и според УНИЦЕФ, тоа е сосема доволно за соодветно сексуално образование на младата популација, рече Ристовски.

Тој истакна дека ниту еден притисок или желба за добивање определени средства нема да го натера Министерството да прифати било чија инцијатива, особено не учебници или прирачници во кои се поистоветуваат односите меѓу мажот и жената со истополовите релации. Според него, прирачникот на ХЕРА е неприфатлив и поради употребата на експлицитни термини, тотално несоодветни на возраста на учениците.

- Тоа за нас е апсолутно неприфатливо во тој дел како Влада имаме дефинирано јасна позиција. Сметаме дека во делот животни вештини сосема доволно е опфатена едукацијата на младите по однос сексуалната ориентација, рече Ристовски.

03.10.2013 - 14:14
Фото: 
Денешен