Пендаровски: Очекуваме поддршка од гласачите на Блерим Река во вториот круг
Кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски по вчерашниот прв круг на претседателски избори се огласи на Фејсбук и им се заблагодари на сите кои излегле и гласале.
„Сакам уште еднаш да ви се заблагодарам бидејќи достоинствено и демократски излеговте на гласање. Задоволен сум дека во првиот круг мнозинството од вас гласаа за мене, а со тоа ја поддржавте идејата за напредна и европска Македонија. Гласавте за заедништво, за напредок и сигурна иднина.
Ве разбирам и вас кои решивте да не излезете на гласање и на тој начин да упатати јасна порака. Тоа е ваше право. Граѓаните од секогаш биле и ќе останат најголемиот коректив на работењето на политичарите. Пораката е примена и нема да се занемари.
Но, јас сум убеден дека најголем дел од вас даваат поддршка за европската иднина на нашата земја. Вие тоа недвосмислено го порачавте на референдумот. Сакам да ви кажам дека 5 мај е последниот датум кога ќе можете да ја потврдите оваа заложба. Од исходот на овие избори зависи во која насока ќе продолжиме. Многу лесно може да се случи да се вратиме назад во криза, изолација и поништување на се што постигнавме. За тоа се залага мојот политички опонент. Многу лесно може да воскресне режимот на Груевски кој се уште живее во партијата преку Мицковски.
Би сакал исто така да им се обратам директно на оние граѓани кои гласаа за господинот Блерим Река. Од вас ја очекувам поддршката во вториот круг и ве повикувам масовно да излезете на гласање. Знам дека и вие ја поддржувате мојата визија за европска и интегрирана Македонија, наспроти ревизијата на се што постигнавме и блокадите кои ги најавува Сиљановска. Ве повикувам да гласате по свое убедување онака како што верувате дека е правилно.
Почитувани граѓани,
Од денес ја продолжувам мојата кампања до конечна победа. На 5 мај ни е потребна максимална излезност на изборите и поддршка за концептот кој ја води оваа земја напред. Продолжувам уште посилно на терен да се сретнам со што повеќе граѓани и да ја пренесам пораката дека 5 мај е последниот датум за да избегнеме нови поделби, нови блокади и застој на патот кон ЕУ“, напиша Пендаровски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа