Предлог-законот за прекршоци предвидува амандмани за намалување на глобите

Денеска во Собранието на Македонија продолжи 72. седница, која го даде на натамошно читање Предлог-законот за прекршоци.

Пратеникот Наџи Џелили од НДП смета дека законот треба да биде повлечен и глобите да се усогласат со социоекономските услови во земјата. Најмногу штета, рече, ќе им биде нанесенa на бизнис елитата и на трговците поединци. - Да се изготви закон во интерес на граѓаните. Зголемувањето на глобите е вртоглаво, изјави Џелили.

Сузана Салиу од ДУИ истакна дека нејзината пратеничка група ќе го поддржи носењето на овој закон дотолку повеќе што се работи за важен закон. Се согласува со укажувањата дека глобите се превисоки, но посочи оти со заеднички договор амандмански ќе се интервенира во однос на нивно намалување.

Владанка Авировиќ од СПМ се заложи сите луѓе да се третираат еднакво пред законот.

- Треба да бидеме единствени по прашањето дека треба да се казни секоја фискална и даночна евазија, што не значи дека треба да се казни некој за споредна работа која не е предмет на фискализација, изјави Авировиќ.

Својата дискусија за законот пратеничката Соња Мираковска од НСДП ја започна со обвинувања кон претседателот на Собранието, владејачкото мнозинство и кон жените - пратенички, поврзани со настаните од 24 декември. 

Граѓаните, според неа, со овој закон се товарат со нови глоби, додека електронската достава е позитивна.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева се согласи дека 24 декември не може да се заборави и ги отфрли обвинувањата на Мираковска посочувајќи дека владејачкото мнозинство не дозволило да го прифати нивото на комуникација кое се обиде да го наметне опозицијата.

Горан Мисовски од НСДП рече дека опозицијата нема да прифати вакво законско решение. Според него, разрешница за 24 декември мора да има и некој мора да сноси одговорност.

На седницата треба да бидат разгледани и Предлог законот за правда на децата, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за спортот и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала, сите во прво читање, како и Предлог законот за дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа, Предлог на закон за правосудниот испит и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, по скратена постапка.

На дневен ред се и Дополнетиот предлог закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Дополнетиот предлог закон за медиуми, Предлог законот за дополнување на Законот за заштита на културното наследство, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за стручно образование и обука, Предлог законот за изменување на Законот за иновациската дејност, Предлог законот за дополнување на Законот за просветната инспекција, Предлог законот за националната рамка на квалификации,..., сите во второ читање.

02.10.2013 - 14:51