Започна раниот откуп на тутун

 

Денеска започна раниот откуп на тутун во 65 откупни пункта. Според претседателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија Данчо Милески, тутун откупуваат пет претпријатија: „Сокотаб“ од Битола, „Алијанса“ од Кавадарци, Прилепскиот тутунски комбинат, „Далија“ од Делчево и откупувачот „Пашовски“.

- Во земјава се отворени 65 откупни пункта, од кои 65 отсто, најмногу во пелагониско. Во раниот откупт на тутунот, кој е проект на Министерството за земјоделство трета година по ред, треба да се преземат околу 6.000 тони од вкупната реколта, која годинава се проценува на близу 30.000 тони тутун, информира Милески.

Александар Спиркоски, директор на ДООЕЛ „Тутун“ при Прилепскиот тутунски комбинат рече дека планирано е сега да се преземат над 500 тони тутун.

- Отворивме 10 пункта во Прилеп и населените места, а од идната недела уштре два откупни пункта. Што се однесува до исплатата таа ќе се одвива навремено и без проблеми, вели Спиркоски.

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски кој во неделата го посети Прилепскиот комбинат и разговараше со тутунарите нагласи дека интересот за тутунопроизводството во земјава расте.

- Ако лани се откупија 27.000 тони, годинава се очекуваат околу 30.000 тони, потпишани се 42.000 договори, а инересот за производство на тутун расте зашто имаме стабилен откуп, здрави претпријатија кои откупуваат, квалитетен род кој се бара и стабилни континуирани субвениции од Владата, кои ќе продолжуваат и понатаму, рече Коњановски. 

Инаку, огласот за откуп на тутунот ќе трае до крајот на месецов.

01.10.2013 - 14:01
Фото: 
Денешен

најчитано сега