Билјана Ивановска: Граѓаните ќе „ловат“ функционери кои користат државни коли за партиски цели

Државната комисија за спречување на корупцијата активно ќе ја следи предизборната кампања и ќе реагира за злоупотреба на државните ресурси за партиски цели. Претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска во интервју за Прес24, вели дека во тој процес очекува помош и од граѓаните и граѓанските организации.

-Направивме план за следење на буџетските ресурси. Имено, од сите државни и јавни институции побаравме список на службени возила (вид, марка и регистрација), кој  ќе го објавиме на нашата веб страна за да биде достапен до јавноста. На тој начин сите ќе можат  да контролираат и невладините граѓански организации преку своите посматрачи но и секој свесен граѓанин, вели Ивановска за Прес24.

По изборите ДКСК ќе бара јакнење на своите кадровски и просторни капацитети, кои сега не се на високо ниво. Сепак, Ивановска смета дека овој нов состав на ДКСК има и капацитет и волја за непристрасна борба против корупцијата.

-Изборот на Комисијата за прв пат се изврши транспарентно пред очите на јавноста, што овозможи избор на кандидати комплетно ослободени од политички терет. Среќна околност е што во составот на Комисијата два члена се од редовите на Секретаријатот на ДКСК, два члена се овластени државни ревизори, два члена доаѓаат од единици за локална самоуправа и еден член е новинар. Задоволна сум од првичниот впечаток дека ќе соработувам со членови – професионалци, вели Ивановска.

Претседателката на ДКСК во интервју за Прес24, вели дека досега комисијата отворила над сто предмети и согласно своите услови за работа тоа е добар почеток. Ивановска најавува и поголема транспарентност за работата на ДКСК.

-По изготвување на функционална анализа, планираме по изборите да направиме и нов Правилник за систематизација со кој ќе предвидиме работна единица за односи со јавност, вели Билјана Ивановска во интервју за Прес24.

 

ПРЕС24: На функцијата Претседател на ДКСК доаѓате по еден неславен период на оваа институција, што од неактивност, што од веројатно лош кадровски избор и серија околности... но тоа сега е историја... Моето прашање е зошто мислите дека Вие овој нов тим ќе успеете да ја вратите довербата што јавноста ја очекува од ова тело?

ИВАНОВСКА: Посветеноста, професионалноста, одговорноста и транспарентноста се клучни предуслови за успех во работата, а нашите заложби се токму во насока оваа Комисија да биде препознаена по овие карактеристики.  

ПРЕС24: Колку сте задоволни од изборот на тимот со кој ќе работите?

ИВАНОВСКА: Изборот на Комисијата за прв пат се изврши транспарентно пред очите на јавноста, што овозможи избор на кандидати комплетно ослободени од политички терет. Среќна околност е што во составот на Комисијата два члена се од редовите на Секретаријатот на ДКСК, два члена се овластени државни ревизори, два члена доаѓаат од единици за локална самоуправа и еден член е новинар. Задоволна сум од првичниот впечаток дека ќе соработувам со членови – професионалци.

ПРЕС24: Овој состав сега ќе функционира по нов Закон, со одредени зголемени ингеренции и надлежности, но сепак колку она што го имате на располагање како механизми и законски рамки може да значи ефикасност во крајната цел?

ИВАНОВСКА: ДКСК може да функционира ефикасно во согласност со надлежностите дефинирани со новиот  Закон, доколку се исполнат основните предуслови,а тоа се материјално техничките услови и обезбедување на човечки ресурси.

ПРЕС24: Еден месец по изборот, веројатно веќе ги имате првите анализи за состојбата на институцијата. Дали сметате дека Комисијата има доволен кадровски, финансиски и институционален капацитет за вистинска борба против корупцијата?

ИВАНОВСКА: Во моментов немаме доволни капацитети, но по завршување на изборниот процес ќе пристапиме кон обезбедување на потребните капацитети.

ПРЕС24: Вие ќе функционирате по Законот кој е донесен во Собранието, но тој не е не променлив. Сакам да Ве прашам, дали имате иницијативност да влезете во процес на барање на измени на Законот кои би биле во насока на јакнење на ингеренциите на оваа институција.

ИВАНОВСКА: Во овој момент немаме таква намера, дотолку повеќе што потребно е време за да видиме како ќе функционира Законот во пракса.

ПРЕС24: Досегашните ваши активности покажуваат иницијатива на зголемена транспарентност во работата, особено во комуникацијата со јавноста. Какви се вашите планови за иднина, имате ли концепт како ќе комуницирате со медиумите? Дали тоа ќе остане преку Вас, или пак може да се очекува формирање посебен сектор за односи со јавност?

ИВАНОВСКА: По изготвување на функционална анализа, планираме по изборите да направиме и нов Правилник за систематизација со кој ќе предвидиме работна единица за односи со јавност.

ПРЕС24: Веројатно сте свесни за општата перцепција на македонското општество за една соживеаност со корупцијата. Сакам да Ве прашам , колку реално може да се промени таквата перцепција?  Што е тоа што треба да се смени?

ИВАНОВСКА: Пред се треба да се промени свеста кај луѓето, но во исто време да се работи на зајакнување на личниот и институционалниот интегритет. ДКСК ќе делува превентивно во согласност со надлежностите предвидени со Законот и ќе организира обуки на повеќе нивоа во насока на јакнење на рамките на личниот и институционалниот интегритет. 

ПРЕС24: Во Македонија како по дефиниција борбата со корупцијата добива на значење во првите година две од мандатот на власта и таа како по правило е насочена кон функционери од претходна власта... таа форма за јавноста звучи примамливо, но веројатно суштината на борбата со корупцијата е фокусот кон оние кои се власт.  Колку овој состав на ДКСК има храброст да се соочи со тоа?

ИВАНОВСКА: Овој состав на ДКСК нема политички предрасуди за да делува селективно. Напротив, борбата е насочена кон корупцијата без оглед од каде потекнува. Професионалноста и траспарентноста се основа за храбро делување.

ПРЕС24: Вие отворивте неколку предмети за вработувањата кои бе актуелни, но во јавноста имаше многу случаи со сомнителни тендери, кога да очекуваме ДКСК, барем за почеток да ги расчисти дилемите во јавноста за случаите за кои пишуваа медиумите?

ИВАНОВСКА: Во моментов имаме отворено постапки по над стотина предмети. Имајќи предвид со кои капацитети располагаме како и фактот дека сме во изборен процес, поголемите случаи ќе ги отвораме во согласност со нашите можности.

ПРЕС24: На прагот сме од претседателските избори... Дали ДСКС веќе има план да ги следи активностите на државните функционери кои ќе одат по партиски митинзи, притоа користејќи државни ресурси.. автомобили.. итн?

ИВАНОВСКА: Да, направивме план за следење на буџетските ресурси. Имено, од сите државни и јавни институции побаравме список на службени возила (вид, марка и регистрација), кој  ќе го објавиме на нашата веб страна за да биде достапен до јавноста. На тој начин сите ќе можат  да контролираат и невладините граѓански организации преку своите посматрачи но и секој свесен граѓанин.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.03.2019 - 10:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа