Ѓорѓи Филипов: Консензуален Претседател не значи политичка личност
Амбасадорот Ѓорги Филипов, засега единствен кој официјално поднесе кандидатура за претседателски кандидат на СДСМ, смеата дека одлуката на ДУИ и СДСМ да имаат заеднички консензуален кандидат е добра идеја и верува дека токму тој е името по кое трагаат Ахмети и Заев. Во интервју за Прес24, Филипов вели дека останува во трката до конгресот на партијата во недела.
- СДСМ и ДУИ излегоа пред јавноста со став дека се решиле да излезат со заеднички кандидат на изборите за претседател. Ниту еден од водачите на партиите кои сакаат да излезат со заеднички кандидат официјално не се произнесе за „политичка” личност, туку дека се договориле да излезат со заеднички кандидат. Што се однесува до трката, таа сѐ уште трае, јас сум еден од кандидатите и останувам во неа, вели Филипов во интервјуто за Прес24.
Дипломатот од кариера вели дека поимот „консензуален”, за кој зборува владината коалиција не е најпрецизен, но смета дека тој „Консензуален Претседател” треба да биде Претседател на сите народи, на секој човек во државава, без исклучок.
-Треба да биде буден, постојано присутен, едноставен, да почитува и да биде почитуван од претставниците на политичките партии, од нивните членови, но и од луѓето кои се аполитични. Тој треба да има влијание, самиот да се однесува со чувство дека е секаде безбеден со што ќе влева чувство за сигурност во земјата (не само како врховен командант на Армијата) и надеж кај граѓаните, за самиот да биде кохезионен фактор во создавање на заедништво меѓу нив без разлика на која категорија, етничка или религиозна група припаѓаат. Лично верувам дека можам да бидам Претседател – Обединител, кој ќе работи и ќе се грижи за граѓаните на Републиката, вели Амбасадорот Филипов во интервјуто.
Според него овие претседателски избори ќе бидат многу важни за правецот во кој ќе се движи државата, но и темпото со кое таа ќе се приближува кон Европа.
- Не сметам дека иднината на Македонија во следните пет години нема да зависи и од тоа, кој ќе биде претседател на државата. Значи, ќе има разлика дали ќе биде овој, оваа или оној, онаа Претседател на МК. Доколку бидам јас, ја гледам во завршени преговори со ЕУ или веќе влезена во ЕУ. Претседателот треба да го понесе својот дел од одговорноста за состојбата – дали Република Северна Македонија ќе биде сѐ уште далеку, пред самите врати или ќе се наоѓа во самата ЕУ и рамноправно ќе разговара и ќе придонесува за својот развој и развојот на ЕУ, вели Амбасадорот Ѓорги Филипов, кандидат за претседателски кандидат на СДСМ во интервју за Прес24.
ПРЕС24: Единствен сте се уште кој најави своја кандидатура за претседателски кандидат на СДСМ, но по последната одлука на лидерите Заев и Ахмети, сосема јасно е дека ќе се бара политичка личност како консензуален кандидат. Дали останувате во трката за претседателски кандидат?
ФИЛИПОВ: СДСМ и ДУИ излегоа пред јавноста со став дека се решиле да излезат со заеднички кандидат на изборите за претседател. Ниту еден од водачите на партиите кои сакаат да излезат со заеднички кандидат официјално не се произнесе за „политичка” личност, туку дека се договориле да излезат со заеднички кандидат. Што се однесува до трката, таа сѐ уште трае, јас сум еден од кандидатите и останувам во неа.
ПРЕС24: Сте разговарале ли во овој период откако ја објавивте Вашата кандидатура со некој од раководството на СДСМ, можеби со Заев за поддршка како консензуален кандидат?
ФИЛИПОВ: Да. Веќе се изјаснив во јавноста дека сум разговарал со луѓе од раководството и членството на СДСМ, вклучувајќи го и Премиерот Заев, меѓу останати теми и за мојата кандидатура.
ПРЕС24: А, со албанските политички партии?
ФИЛИПОВ: Да, со дел од албанските партии имам разговарано.
ПРЕС24: Вие сте долги години во дипломатијата, дали мислите дека овој политички договор меѓу ДУИ и СДСМ може да биде успешен во смисла на победа на изборите?
ФИЛИПОВ: Секако дека мислам позитивно по однос на ова прашање. Тоа се две политички партии со големо членство зад себе и по автоматизам, се очекува да се добијат поголем број на гласачи за нивниот заеднички кандидат. Слични коалиции (но, не на ниво на национални политички партии) постојат и во земјите во кои јас бев амбасадор. Додуша, тоа најчесто се случува во вториот круг на изборите, или пак доколку се работи за парламентарни избори после објавување на резултатите на изборите.
ПРЕС24: Како Вие подразбирате консензуален претседателски кандидат. Што тој треба да има како карактеристика?
ФИЛИПОВ: Поимот „консензуален” не е најпрецизен. Но, како и да е , „Консензуалниот претседател” треба да биде претседател на сите народи, на секој човек во државава, без исклучок. Треба да биде буден, постојано присутен, едноставен, да почитува и да биде почитуван од претставниците на политичките партии, од нивните членови, но и од луѓето кои се аполитични. Тој треба да има влијание, самиот да се однесува со чувство дека е секаде безбеден со што ќе влева чувство за сигурност во земјата (не само како врховен командант на Армијата) и надеж кај граѓаните, за самиот да биде кохезионен фактор во создавање на заедништво меѓу нив без разлика на која категорија, етничка или религиозна група припаѓаат. Лично верувам дека можам да бидам Претседател – Обединител, кој ќе работи и ќе се грижи за граѓаните на Републиката. Претседателот нема извршна власт, но, тој може да влијае со личен пример врз процесите на донесување на одлуки; со јавно говорење, обраќање преку медиумите и редовните настапи во Собранието (не само еднаш годишно, туку секогаш кога ќе почувствува дека треба); преку средби со сите категории на граѓани. Тоа што, фактот што тој нема извршни функции и ингеренции во оперативното раководење во одредени области, не значи дека не треба да биде заинтересиран сѐ што се случува во општеството. Може да биде активен со давање поддршка на различни кампањи иницирани од граѓаните, невладиниот сектор; давање одлики и признанија за одредени заслуги кои произлегуваат од Законот за Претседател и Уставот; треба да биде човек кој постојано ќе работи за доброто на сите, ќе има слух за трендовите на развој кај останатите држави во соседството и Европа (за да ги споредува со состојбата во РСМ), ќе инсистира на примена на препораките на ОН за влијанието врз климатските промени, правата на граѓаните и заштита на животните и дрвјата.
ПРЕС24: ДУИ вели дека ова што сега се најавува како заеднички настап при избор на Претседател на државата треба да стане една идна практика во овие избори. Колку тоа е реално?
ФИЛИПОВ: ДУИ и СДСМ донеле таков заклучок, но иднината може да донесе промени или пак, појава на нови и поинакви политички партии и нивно коалицирање, така што ваквото решение може да трпи и одредени промени. Инаку, генерално ја поздравувам идејата за заеднички кандидати зашто помага да се обезбеди излезеност и во вториот круг, како и да се исчезнување на практиката на „непризнавање “ на избраниот кандидат од одредена политичка партија.
ПРЕС24: Ако веќе зборуваме за консензуален Претседател, тогаш не е ли пологично да се направи промена на Уставот и изборот на Претседателот да се врши во Собранието со двотретинско мнозинство?
ФИЛИПОВ: Тоа е една од варијантите, но во ваков случај Претседателот би зависел исклучиво од Парламентот. Ако веќе размислуваме за такво решение, зошто да не го примениме германскиот модел за избор на Претседател? Формирање на Собор од претставници на сите парламентарци (120) и 121 други претставници од народите по случаен избор или пак од „видни” претставници од разни сфери на општество. Соборот, со двотретинско мнозинство ќе го избере Претседателот, со што ќе се избегне натамошна целосната зависност на Претседателот од Парламентот.
ПРЕС24: Со Преспанскиот договор Македонија затвори едно отворено прашање со децении. Следниот Претседател на државата ќе биде првиот кој ќе се потпишува како Претседател на Република Северна Македонија. Каква улога според Вас треба да има идниот Претседател. Еве на пример кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, проф Силјановска најавува дека ќе го почитува Уставот, но дека ќе се обиде меѓународно да го оспори Преспанскиот договор?
ФИЛИПОВ: Не само идниот, и сегашниот Претседател мора да ги почитува законите и Уставот на Република Северна Македонија. Тоа ќе мора да го прави и идниот Претседател. Се разбира дека тој ќе може да покренува иницијативи за промена на одредени закони, па и на Законот за ратификација на Преспанскиот договор. Бидејќи се работи за меѓународен договор во кој се длабоко инфилтрирани Обединетите нации и Советот за безбедност на ОН, ќе треба да постои доста јако образложение. Ние имавме едно искуство со покренување тужба пред Меѓународниот суд во Хаг. Добивме пресуда во наша корист, но таа пресуда имаше само морална победа за нас, што не е за потценување, но во реалниот груб политички свет немаше директно влијание. Сепак, драго и е што и самиот учествував во пишувањето на извесен дел од обрзложението за оправданоста на нашите барања во процесот.
ПРЕС24: Каде ја гледате Македонија во следните пет години мандат на идниот Претседател, без разлика кој и да е?
ФИЛИПОВ: Не сметам дека иднината на Македонија во следните пет години нема да зависи и од тоа, кој ќе биде претседател на државата. Значи, ќе има разлика дали ќе биде овој, оваа или оној, онаа Претседател на МК. Доколку бидам јас, ја гледам во завршени преговори со ЕУ или веќе влезена во ЕУ. Претседателот треба да го понесе својот дел од одговорноста за состојбата – дали Република Северна Македонија ќе биде сѐ уште далеку, пред самите врати или ќе се наоѓа во самата ЕУ и рамноправно ќе разговара и ќе придонесува за својот развој и развојот на ЕУ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа