СДСМ: Непотизмот на ВМРО-ДПМНЕ го има низ цела Македонија

Непотизмот и семејните и фамилијарни метастази на оваа власт на ВМРО ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, ги има низ цела Македонија.

Скандалите поврзани со разрешената директорка на ОУ Христијан Тодоровски Карпош од Општина Ранковце немаат крај.

Денес објавуваме класичен скандал на непотизам каков што не постои во ниедна друга земја во светот.

Имено, лицето Слаѓана Николовска – поранешен директор на ОУ Христијан Тодоровски Карпош, во 2008 година како директор потпишува договор за вработување со својот роден брат Горан Стојчевски како професор на неопределено време со полно работно време. 

Понатаму, лицето Слаѓана Николовска, на ден 11.11.2011 година како директор потпишува договор за вработување со својот друг роден брат Орце Стојчевски како професор на неопределено време со полно работно време. 

Скандалот да биде уште поголем, без оглед на законот и стравот од одговорност за своите постапки, на истиот тој ден, 11.11.2011 година, лицето Слаѓана Николовска како директор потпишува договор за вработување со Јулијана Стојчевска, сопруга на прво вработениот брат Горан Стојчевски и нејзина снаа, како професор на неопределено време со полно работно време.

Забеганоста и непотизмот кај раководните кадри од ВМРО ДПМНЕ не застанува тука. Оваа директорка оди понатаму и за време на својот мандат во истото училиште, верувале или не, го вработува својот сопруг Ласте Николовски, кој после изборите во март 2013 година на некој начин добива и решение за вработување на неопределено време.

За незаконското работење на оваа директорка може да се снима филм но  суштинските прашања на којшто треба да одговори премиерот Никола Груевски се:

Дали вработувањето на своите двајца браќа, снаа од брат и на својот сопруг во истата институција од страна на оваа директорка не се класичен НЕПОТИЗАМ И СУДИР НА ИНТЕРЕСИ?

Дали премиерот Никола Груевски ќе го премолчува фактот што со ова училиште и понатаму, иако разрешена на сила и со незаконско делување, раководи лице кое со правосилна судска пресуда е прогласено за виновно за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ а за кое се водат и други кривични постапки за исто кривично дело?

Дали, зад држењето на оваа директорка со сила, се сокриваат можни скандали, афери или криминал правени во претходниот период?

 (Интегрален текст од прес-конференција на Емилијан Поповски, СДСМ)

 

 

29.09.2013 - 15:23

најчитано сега