Бан Ки-мун му ветил на Груевски личен ангажман во решавањето на спорот

Враќање на спорот за името во рамките предвидени со резолуциите на Обединетите нации, интензивирање на разговорите со Грција и личен ангажман на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун.

На овие теми се зборувало на  вчерашната средба на Бан Ки-Мун со македонскиот премиер Никола Груевски.

Премиерот Груевски изјави дека на средбата со Бан истакнал дека Грција ги одбегнува напорите на пратеникот на Обединетите нации, амбасадорот Метју Нимиц, одолговлекува на неговите иницијативи и одбива средби и разговори.

- Начинот како сега се поставени работите не дава резултати, бидејќи другата страна успешно прави опструкции кои се во правец на одолговлекување и купување на време. Мислам дека ова веќе е препознаено и мислам дека ќе се промени играта, ќе се најде друг начин како да се придвижат работите, да станат поактивни и да се дојде до одредено решение. Тоа за нас како држава е многу важно, бидејќи покрај односите со нашиот јужен сосед, тоа го попречува и нашето членство во НАТО и во Европската Унија, што за тој дел на Европа е исклучително важно прашање, изјави Груевски.

Премиерот го информирал Бан Ки-мун дека Грција пет месеци одолговлекувала да даде каков било одговор на идеите за решавање на спорот кои Нимиц ги изнесе уште во април годинава.

Бан Ки-мун, на средбата понудил негов личен ангажман да учествува во обид да се организира средба на највисоко ниво меѓу двете земји, што Македонија веднаш го прифатила, со што сега се очекува како Грција ќе одговори на тоа.

-  Првпат во нашите разговори секретарот Бан Ки-мун изрази подготвеност и тој лично да се вклучи во разговорите, организирајќи средба на повисоко ниво. Јас тоа го поздравив и кажав дека во секое време сме подготвени за таква средба. Тоа би било еден нов момент, доколку се случи, и доколку и другата страна го прифати. Тоа ми укажува дека и самиот генерален секретар ја воочува тешкотијата на неговиот специјален претставник да има поинтензивни средби со двете страни, а камоли да не седне заедно, да разговараме во обид да се изнајде решение, изјави Груевски, кој додаде дека грчките одолговлекувања не се должат само на тешката криза во оваа земја, туку и на смислена стратегија на Атина.

На средбата Бан – Груевски се зборувало и за грчките обиди да се излезе надвор од рамките поставени со двете резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации за спорот за името. Груевски оцени дека со грчките барања да се разговара за име кое би се употребувало во сите можни случаи, и за преименување на македонскиот јазик и нација се излегува надвор од рамките на овие резолуции.

- Укажав и на потребата дискусијата да се врати во рамките на двете резолуции на Советот за безбедност на ОН, бидејќи се
чини дека тие на моменти се надминуваат, односно се излегува надвор од нивните рамки, говорејќи за различни детали кои не се дел од тие резолуции, како што е ерга омнес, негирање на јазик и нација, изјави Груевски по средбата со Бан.

Во следните неколку недели се очекува средба на претставниците на двете страни, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, но и конкретизирање на иницијативата на Бан Ки-мун, за интензивирање на разговорите. 

29.09.2013 - 13:46
Фото: 
МИА