Бесплатни прегледи и крос низ Македонија

Бесплатни превентивни прегледи и крос ќе се одржат денеска во Скопје, Штип, Охрид и Тетово. Настанот е во организација на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, а во рамки на одбележувањето на 29 Септември, Светски ден на срцето, под мотото „Тргни кон здраво срце“. 

Прегледите започнаа во 9 часот на сите четири локации. Во Скопје настанот се одржува на Кејот на реката Вардар (под мостот кај Александар Палас), Штип – областа Суитлак, Охрид и Тетово на плоштад. На истите локации ќе стартува и кросот. Граѓаните бесплатно ќе може да измерат крвен притисок, шеќер и холестерол во крвта, како и телесен индекс. На поставените пунктови има стручни тимови на Институтот за јавно здравје, Институтот за превенција, третман и рехабилитација од кардиоваскуларни болести „Св. Стефан“ во Охрид и центрите за јавно здравје Скопје, Штип и Тетово. Освен прегледите стручните лица ќе даваат и совети за превенција од кардиоваскуларните болести и намалување на ризиците и последиците од нив.

Целта на манифестацијата е да се подигне свеста кај општата популација дека преку физичката активност, правилен начин на исхрана, редовните контроли кај матичните лекари  и прифаќање на здрав стил на живот може да се влијае на намалување на ризиците кои ги предизвикуваат кардиоваскуларните болести и на последиците од нив – срцевиот и мозочниот удар.

Ќе се одржи и стручен состанок во организација и со поддршка Македонското здружение по кардиологија. На стручната јавност ќе и се обратат пет предавачи од кои двајца се од Институтот за јавно здравје и тројца од Македонското здружение по кардиологија. На состанокот ќе стане збор за тоа дали се оди кон поздраво срце, зголемената телесна тежина и дебелина кај училишните деца, како да се охрабрат децата да го најдат патот до здравото срце, физичката активност во превенција на кардиоваскуларните болести и жената и кардиоваскуларните заболувања.

Трендот на смртност од кардиоваскуларни болести во Македонија е во постојан пораст, а во вкупната смртност тие учествуваат со 60 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика во 2012 година од болести на циркулаторниот систем починале 11.926 лица од кои 5.739 се мажи, а 6.187 се жени, со вкупна стапка на смртност од 578 на 100.000 жители. Како значајна причина за смрт во структурата на циркулаторните болести со 100 смртни случаи на 100.000 жители или околу 2.000 смртни случаи годишно учествуваат исхемичните болести на срцето. Секоја година се регистрираат повеќе од 3.000 срцево-садовни заболувања. 

29.09.2013 - 10:18

најчитано сега