Спасов: Лицата со отежнато движење повторно ќе земаат паричен надоместок

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека со последните измени на Законот за социјална заштита на лицата кои имаат отежнато движење, а во моментов се сместени во Бања Банско и во Демир Капија ќе им биде вратено правото за остварување на додатокот за мобилност од седум илјади денари.

-Нивните барања се реални и имаат потреба од дополнителни средства со цел да им се обезбеди поголема мобилност, почесто да патуваат или да ги задоволат своите потреби. Поради тоа Владата на последната седница донесе заклучок во следните измени на Законот за социјална заштита кои набрзо ќе бидат доставени до Владата и до Собранието, се предвидува лицата кои имаат право да земаат мобилност да бидат  сместени во институции, како Бања Банско или во специјалниот Завод во Демир Капија, истакна Спасов.

Министерот денеска информираше дека пред два дена, заедно со вицепремиерот Пешевски ги промовирале поволностите кои, како што рече, имаат за цел да го инспирираат приватниот сектор да инвестира во изградба на детски градинки и старечки домови.

-Една од покрупните мерки е намалување на цената на градежното земјиште, кое за оваа намена ќе има почетна цена од 1 евро за метар квадратен, а цените на комуналиите за такви објекти да биде намалена за 95 проценти,  рече министерот Спасов.

Тој апелираше до сите заинтересирани да се јават на бесплатниот број во Министерството за труд и социјална политика, 15505 или на email адресатаinvesticii@mtsp.gov.mk. Потоа Министерството ќе им ги достави сите потребни податоци.

- Во исто време работиме во соработка со општините и со Министерството за транспорт и врски на листа на слободно градежно земјиште кое може да се стави на располгање и со намена за изградба на приватни градинки и домови за стари лица. Имаме и листа на стари објекти кои можат да се продадат или дадат под закуп и сите заинтересирани потенцијални инвеститори можат да направат увид на тие објекти, истакна Спасов.

28.09.2013 - 14:55
Фото: 
МИА