Лисиците почнаа да се вакцинираат против беснило

Агенцијата за храна и ветеринарство денеска ja стартуваше акцијата за вакцинација на лисиците како најголеми преносители на болеста беснило која ја пренесуваат на други диви и домашни животни.

Акцијата започна на денешниот Меѓународен ден за борба против беснилото. 
 
- Борбата со болеста беснило најефикасно се врши со орална вакцинација на лисиците. Со оваа акција ќе биде опфатена целата територија на Република Македонија и притоа од воздух ќе бидат фрлени околу 500.000 мамци кои се привлечни за лисиците и кога ќе ги загризат стануваат вакцинирани, истакна Тони Киранџиски раководител на сектор за здравствена заштита на животните во државната Агенција за храна и ветеринарство
 
Според информациите на АХВ, болеста беснило е регистрирана во сите соседни држави, додека во Република Македонија последен пат случај на беснило е регистриран во март 2012 година. Инаку, досега во државата, регистрирани се 9 случаи на беснило, од нив 8 кај диви животни и 1 кај мачка во Радовиш.
 
- Во државите на Балканот, односно нашите соседи, болеста беснило е насекаде присутна и затоа се врши вакцинирање против беснилото. Борејќи се против беснилото кај лисиците ние паралелно советуваме да се изврши навремена заштита на домашните миленици и затоа во текот на оваа недела реализираме голема акција за вакцинација на домашните миленици, мачиња и кучиња кои во определени ветеринарни станици ќе може да се вакцинираат со попуст, односно наместо 500 ќе се наплаќаат по 250 денари за вакцинирање против болеста беснило, посочи Киранџиски.
 
Првата фаза на кампањата која почна од Битола ќе бидат покриени териториите на општините Битола, Ресен, Охрид и Дебар. Втората фаза ќе се реализира од аеродромот во Штип и притоа ќе бидат опфатени околните општини во источниот дел на државата, а третата фаза ќе се реализира од аеродромот во Скопје.

28.09.2013 - 14:26

најчитано сега