Изборот за „Мис на Светот“ во Бали ќе се одржи под засилени безбедносни мерки
Поради се поголемиот број на закани и протести на исламистите во индонеизискиот остров Бали, финалето на изборот за „Мис на Светот“ во кое учествуваат 129 прекрасни девојки, ќе се одржи под засилени мерки за безбедност. Истото ќе биде проследено под будното око на 675 полицајци во летувалиштето Нуса Дуа во јужниот дел на островот.
Амбасадорите на САД, Велика Британија и Австралија ги предупредија своите сонародници за евентуални атентати врз манифестацијата, без да дадат други детали.
Полицијата засега тврди дека не забележала ништо особено.
Илјадници радикални исламисти од различни градови во Индонезија, протестираа против одржувањето на ваквиот избор.
Финалето требаше да биде во престолнината Џакарта, но од безбедносни причини властите го префлија на Бали.
Ваквиот рајски остров со хиндуистичко мнозинство се разликува од остантиот дел на земјата, која е доминантно муслиманска. Локалните жители се навикнаа на туристите во западните делови на островот и не се дразнат од разголената облека на „мисиците“, кои го предизвикаа гневот на радикалните исламисти.
Финалето, што ќе се пренесува во 180 држави, вечерва ќе почне во 20 часот по локално време (12 часот по Гринич), а името на победничката ќе се соопшти околу полноќ по локално време (16 часот по Гринич).