Во „Кромберг и Шуберт“ се работи во три смени - најавени нови вработувања

Германскиот инвеститор „Кромберг и Шуберт“ кој се распосла на парцела во индустриската зона Жабени, работи со полна пареа, објавува Нова Македонија.

 

Зголемените нарачки за кабли за автомобилската индустрија диктираат и ново темпо, па  во „Кромберг и Шуберт“ се работи буквално во три смени.

Раководството во фабриката и локалната самоуправа ги дематираат шпекулациите дека наводно голем број вработени даваат откази бидејќи се незадоволни од условите за работа и од германската дисциплина, информирајќи дека напротив, постојано расте бројот на вработени.

- Во моментов во „Кромберг и Шуберт“ се вработени вкупно 836 лица, а до декември се очекува да бидат вработени уште 200 нови работници, со што ќе биде надмината предвидената бројка на вработувања од 1.000 лица до крајот на 2013 година, која беше поставена со бизнис-планот на раководството на фабриката, вели битолскиот градоначалник Владимири Талески за НОва Македонија.

Од Општина Битола велат дека очекуваат од следната година во фабриката да се вработат уште најмалку 1.000 лица, а вкупниот број вработени до 2015 година да се заокружи на 2.500 работници.

-Во „Кромберг и Шуберт“ тврдат дека на тоа нема да застанат со вложувањето во индустриската зона Жабени. Имено, според информации од овој гигант, сопствениците на „Кромберг и Шуберт“, кои наскоро ќе пристигнат во Битола и ќе присуствуваат на свеченото отворање на фабриката, планираат во индустриската зона да изградат уште една фабрика, во која ќе бидат вработени уште 2.500 работници. За реализација на таквите планови тие веќе имаат купено градежни парцели во непосредна близина на првата фабрика, пишува Нова Македонија.

 

28.09.2013 - 11:20

најчитано сега