Советот за безбедност одлучи - ќе се уништи сирискoто хемиско оружје

 

 Советот за безбедост на ОН вчера вечерта едногласно изгласа резолуција за евидентирање и уништување на арсеналот од хемиско оружје на сирискиот режим на Башар ал Асад.

По две недели интензивни преговори, гласањето значи важен дипломатски пробив во парализата што го имаше зафатено Советот, откако почна сирискиот конфликт во март 2011 година, пишуваат американските медиуми.

Пред гласањето, Русија и Кина ставија вето на три предлог резолуции што беа поддржани од Западот, а со кои се инсистираше сирискиот режим да го прекине насилството.

-Денешната историска резолуција е првата ветувачка вест за Сирија по долго време, рече генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, на заседанието на Советот за безбедност, непосредно по гласањето. „Вечерва меѓународната заедница ја исполни својата мисија“, додаде Бан ки-мун, пренесуваат француските медиуми.

Како што пишуваат американските медиуми, како знак за широката поддршка за резолуцијата, вчера, како коподнесувачи на резолуцијата се потпишаа сите 15 членки на Советот

За прв пат СБ одобри патоказ за политички премин во Сирија, донесен на Конференцијата во Женева уште во јуни 2012 година, и повика што е можно побрзо да се свика нова меѓународна конференција за негово применување.

Бан соопшти дека планираниот рок за новата мировна конференција во Женева е средината на ноември.

Резолуцијата се заканува со последици доколку Сирија не се потчини, но тие ќе зависат од донесувањето во Советот на нова резолуција во случај на неисполнување.

 

28.09.2013 - 11:01

најчитано сега