Фуле: Дојде време да се реши спорот за името
Европскиот комесар задолжен за проширување на Унијата Штефан Фуле ги повика Македонија и Грција да ги засилат напорите за наоѓање на решение за спорот, за да може да се исполнат препораките кои Европската Комисија веќе со години наназад ги дава за Македонија да ги почне преговорите за членство.
- Јас изразив поддршка за овој процес и повторно повикав двете страни итно да сторат се што може за да се разреши ова прашање. Тоа е причината што земјата не може да го преземе следниот чекор кој Комисијата одново и одново го препорача, а тоа е да се отворат преговорите за членство. Не сакам однапред да судам што ќе се случи оваа година во извештајот за напредок, но мислам дека е дојдено време да се разреши ова прашање. Притоа да не се гледа само цената на евентуалниот компромис, туку и цената на неодењето напред и одржувањето на состојбата во статус кво уште една или повеќе години, изјави комесарот Фуле, кој денес има средби во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Фуле, кој во понеделникот се сретна со посредникот во разговорите амбасадорот Метју Нимиц. Во октомври се очекува новиот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија. Од 2009 година, Комисијата препорачува отворање на преговорите за Македонија, но Грција редовно ја блокира оваа одлука на ниво на Европскиот Совет, каде што грчкиот претставник има право на вето