Ангелов: ВМРО-ДПМНЕ и поподелeно знаело да однесе победа

 

Горан Ангелов, актуелен директор на депонијата Дрисла, екс претседател на ЗЕЛС и еден од најуспешните градоначалници , повторно се враќа на активната политичка сцена, овој пат како претендент за претседателски кандидат на ВМРО ДПМНЕ. Тој ќе оди на партиската конвенција и е уверен дека оваа конвенција ќе значи демократизација на неговата партија.

 -Не би сакал ниту да помислам дека сум спаринг партнер на некој од кандидати за претседател на партиската конвенција на ВМРО ДПМНЕ. Со никого од потенцијалните кандидати не сум во контакт околу конвенцијата, иако дел од нив ми се пријатели, дел не ги познавам, ама сум сигурен дека секој член на партиската конвенција треба слободоумно да оцени за кого ќе гласа, без притоа некој да му наметнува некое решение, за кое после сите ќе жалиме и ќе ја доведеме партија до тотален распад. Самиот факт дека овој пат имаме девет кандидати, а не само двајца, зборува за поголем степен на демократизација на партијата, вели Ангелов во интервју за Прес 24.

Поделеноста на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според него не мора да значи и предодреден неуспех на партијата на изборите. Вели кога ВМРО ДПМНЕ била и поподелена, знаела да постигне успех. За него нема дилеми дека идниот претседател на државата ќе биде Претседател на Република Северна Македонија, но вели тоа е и шанса работите да се променат.

- Уставот на Република Македонија е највисок правен акт и сите сме должни да го почитуваме. Ако мислиме дека можеме да смениме нешто во истиот, треба да го направиме тоа на еден легален начин, како што и доликува на една демократска земја. Заклетвата што ја дава претседателот е поврзана со почитување на Уставот на РМ и почитување на правниот поредок. Без оглед на тоа кој ќе биде избран за претседател на РМ, тој има обврска за почитување на Уставниот поредок, но и можност да покрене постапка пред Собранието на РМ за Уставни измени, вели Ангелов во интервјуто.

За депонијата Дрисла, која во периодов е таргет на обвинувања дека е најголем загадувач во Македонија, Ангелов одговора дека станува збор за заговор против единствената депонија која ги исполнува сите еколошки стандарди.

-Во измината година комплетно е променет системот за согорување на медицинскиот отпад и горивото кое се користеше, нафта, е сменето со пропан бутан, истовремено е зголемена моќноста на горилниците за три пати. Исто така се поставени водени филтри, филтри од активен јаглен и порозна бронза. Се мерат издувните гасови, а резултатите се достапни на веб страната на Дрисла и се во рамките на дозволените гранични вредности, кои се пропишани со македонското законодавство. Печката за согорување на медицински отпад, дефинитивно не го загадува Градот Скопје, ниту околните населени места, ако некој сака да ја префрли топката на туѓ терен, нека му служи на чест, вели Горан Ангелов во интервјуто за Прес 24.

ПРЕС24: Влеговте во трката за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. На конвенцијата ќе се соочите со неколкумина, но сепак тука се најмалку двајца кои се сметаат за фаворити, еден многу активен партиски член и пратеник и еден натпартиски кандидат за кој веќе дел од врвот на партијата отворено дава поддршка. Во тој контекст, кој беше Вашиот мотив за овој потег?

АНГЕЛОВ: Мојата кандидатура за претседател на РМ е поттикната од Божја промисла и моја интуиција, дека јас сум тој, што во овој битен момент за Република Македонија, може да и помогне на Македонија, но и да направи вистинско национално помирување меѓу Македонците, но и со Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и сите заедници кои живеат во Република Македонија.

Моето активно искуство во политика од 1993 година, како член на ВМРО ДПМНЕ, успешниот девет годишен мандат, како градоначалник на Општина Виница во периодот од 1996 до 2005 година, претседател на ЗЕЛС во најкритичниот период за РМ од 2000 до 2005 година, искуство како менаџер со проекти за европските фондови, укажуваат на мојата подготвеност и искуство за највисоката позиција во државата.      

ПРЕС24: Очекувате ли оваа партиска конвенција да биде вистинска демократска лекција за внатрепартиските состојби во Македонија. Претходните две на кои беше избран Ѓорге Иванов не ја оправдаа таквата слика, со оглед на тоа дека прво Тодор Петров, а потоа и Јове Кекеновски беа како спаринг партнери... Зошто мислите дека сега ќе биде поинаку и раководството на партијата нема потајно да форсира еден кандидат?

АНГЕЛОВ: Не би сакал ниту да помислам дека сум спаринг партнер на некој од кандидати за претседател на партиската конвенција на ВМРО ДПМНЕ. Со никого од потенцијалните кандидати не сум во контакт околу конвенцијата, иако дел од нив ми се пријатели, дел не ги познавам, ама сум сигурен дека секој член на партиската конвенција треба слободоумно да оцени за кого ќе гласа, без притоа некој да му наметнува некое решение, за кое после сите ќе жалиме и ќе ја доведеме партија до тотален распад. Самиот факт дека овој пат имаме девет кандидати, а не само двајца, зборува за поголем степен на демократизација на партијата.

ПРЕС24: Имате ли контакти со лидерот на партијата Христијан Мицкоски?

АНГЕЛОВ: Освен нормалната човечка комуникација, која ја имам со сите мои сопартијци, таква е и комуникацијата со претседателот Христијан Мицкоски. Последната средба ја имавме на манастирот Св. Наум на Попова Шапка, 5 јануари 2018 година.

ПРЕС24: Голем број аналитичари сметаат дека ВМРО ДПМНЕ во овие претседателски избори влегува со сериозен хендикеп од аспект на поделеност на партијата, некои велат како ретко кога имало неколку струи. Колку тоа може да биде причина за неуспех на изборите?

АНГЕЛОВ: За жал тоа е точно, ама кога ВМРО ДПМНЕ, било и послабо и поподелено, секогаш излегувало посилно, да не го заборавиме големиот раскол и расцеп на партијата во 2004 година, а веќе во 2006 година, ВМРО ДПМНЕ ги освои парламентарните избори.

ПРЕС24: Овие претседателски избори ќе бидат избори за првиот претседател на Република Северна Македонија. Опозицијата, преку која и Вие претендирате за таа позиција има негативен став за преспанскиот договор, но тој сега е уставно преточен. Може ли идниот Претседател да го игнорира тој факт?

АНГЕЛОВ: Уставот на Република Македонија е највисок правен акт и сите сме должни да го почитуваме. Ако мислиме дека можеме да смениме нешто во истиот, треба да го направиме тоа на еден легален начин, како што и доликува на една демократска земја. Заклетвата што ја дава претседателот е поврзана со почитување на Уставот на РМ и почитување на правниот поредок. Без оглед на тоа кој ќе биде избран за претседател на РМ, тој има обврска за почитување на Уставниот поредок, но и можност да покрене постапка пред Собранието на РМ за Уставни измени.

ПРЕС24: Дали со претседателските избори, треба да има и вонредни парламентарни избори?

АНГЕЛОВ: Во кратката историја на независна Македонија секогаш кога имало вакви клучни моменти за иднината на државата, се распишувале и вонредни парламентарни избори, а дали ќе има сепак зависи од мнозинството во парламентот. Лично мислам дека треба да има.

ПРЕС24: Вие подолго време не сте дел од активната политика на оваа партија, иако своевремено бевте еден од најуспешните нејзини градоначалници. Дали оваа кандидатура е некаква најава за враќање на политичката сцена или останувате и понатаму во менаџерските води?

АНГЕЛОВ: Од 2006 година сум повлечен од високата активната политика, ама не значи дека сум  бил во хибернација, цело време сум бил активен член. Моите градоначалнички успеси и како претседател на ЗЕЛС се само добра основа да продолжам и како успешен претседател на Република Македонија.

ПРЕС24: Изминатиот период депонијата Дрисла, каде вие сте директор беше таргет на обвинувања дека е главен загадувач на воздухот. Како реално стојат таму работите, особено со медицинскиот отпад?

АНГЕЛОВ: „Сто пати повторена лага станува вистина“. За жал некој сака да не прикаже како загадувачи на Градот Скопје и околината, ама вистината е сосема поинаква. Депонијата Дрисла е единствена депонија во Република Македонија, која ги исполнува македонските стандарди за работа и за тоа имаме добиена А интегрирана дозвола. Дали тие што не обвинуваат се запрашале што е со останатите депонии во Македонија, или баш никој не ги спомнува, како да не постојат, тоа зборува само по себе дека против нас се води специјална медиумска војна, веројатно заради бизнис интереси. Ние сме под постојан надзор на Државниот инспекорат за животна средина и ако има неправилностите истите ќе ги констатираат и санкционираат.

ПРЕС24: На кој принцип работи печката за согорување на медицински отпад. Има ли Дрисла анализи што од нејзе излегува во воздухот?

АНГЕЛОВ: Во измината година комплетно е променет системот за согорување на медицинскиот отпад и горивото кое се користеше, нафта, е сменето со пропан бутан, истовремено е зголемена моќноста на горилниците за три пати. Исто така се поставени водени филтри, филтри од активен јаглен и порозна бронза. Се мерат издувните гасови, а резултатите се достапни на веб страната на Дрисла и се во рамките на дозволените гранични вредности, кои се пропишани со македонското законодавство. Печката за согорување на медицински отпад, дефинитивно не го загадува Градот Скопје, ниту околните населени места, ако некој сака да ја префрли топката на туѓ терен, нека му служи на чест.

ПРЕС24: Точно ли е дека постои обврска за дополнителни инвестиции во поглед еколошките стандарди од италијанските управители кои не се реализирани? И за какви обврски станува збор?

АНГЕЛОВ: Приватниот партнер ФЦЛ Амбиенте и Градот Скопје има преземено обврски согласно Договорот за Јавно приватно партнерство, во кој на детален начин се предвидени активностите и временската рамка за инвестицискиот циклус. Јас не сум потписник на тој Договор и не можам да зборувам за него. Само едно можам да истакнам, дека во една нормална правна држава не може еден управен судски спор да се развлекува шест ипол години. Дали Вие ќе инвестирате во Ангола, барем еден милион евра, ако притоа имате судски спор?!.

ПРЕС24: Дали Македонија увезува отпад кој се согорува овде? Тоа е едно од обвинувањата во јавноста, со образложение дека никој не знае што се се гори во Дрисла... Навистина што таму завршува?

АНГЕЛОВ: Тоа се измислици и лаги. Зарем може да се увезе отпад со илјадници тони, а тоа да помине како шверцувана стока. Зошто никој од новинарите и невладиниот сектор не ја праша Царинската управа на РМ дали Дрисла увезла отпад? Дали некој праша во Министерство за екологија дали Дрисла добила дозвола или нотификација за увоз на отпад? Сите овие неосновани и злонамерни обвинување се дел од големата приказна против Дрисла. Ние немаме увезено ниту еден грам отпад, иако тоа е дозволена законска активност со повеќе меѓународни конвенции кои Македонија ги има ратификувано.

ПРЕС24: Во голем дел од европските метрополи постојат цели процеси на согорување на отпадот од кој потоа се произведува некој вид на енергија. Што кај нас се добива од отпадот?

АНГЕЛОВ: Зарем мислите дека некоја странска фирма ќе се обиде да гради таква инсталација и да биде нон стоп обвинувана дека ја загадува животната средина. Додека нашата еколошка култура не достигне повисок степен на созреаност, мислам дека во Македонија, таква инсталација тешко ќе се изгради. Кај нас отпадот се уште претставува проблем, додека во современите еколошки земји, на отпадот се гледа како на неисцрпен ресурс за производство на електрична и топлинска енергија. Германија, Данска, Шведска се најголеми увозници на отпад, кој потоа го горат и произведуваат  електрична и топлинска енергија.

ПРЕС24: Ако треба да ја рангирате Дрисла на скалата од 1 до 10 на еколошки стандарди(10 најеколошка) во споредба со европските депонии, каде би ја сместиле?

АНГЕЛОВ: Како санитарна депонија би ја отценил со 6 поени, ама јас се надевам дека за кратко време ќе се трансформираме во модерна фабрика, постројка за третирање на отпад и тогаш би биле оценети со 10 поени.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.02.2019 - 12:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега