Универзитетот за информатички науки и технологии во Охрид доби нови простории

Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид доби нови простории. Просториите во употреба ги предаде министерот за образование и наука на Македонија, Спиро Ристовски.

- Во оваа фаза е заокружен процесот на целосна изградба и адаптација на овие простории, што ќе овозможи спроведување на целокупните наставни и научни активности според современите светски стандарди, а истовремено ќе придонесе за развојот на едкукативниот процес во земјата, како и за перцепцијата на Охрид како еден од едукативните центри во Македонија, истакна Ристовски во Охрид.

Македонскиот министер за образование и наука најави и дека Владата и понатаму ќе продолжи со инвестициите во делот на образовниот систем.

Проректорот на Универзитетот „Свети Апостол Павле“ Иван Бимбиловски рече дека паралелно со новите програми, новите соработки, грантови, се обезбедуваат и нови простории за работата на високошколската установа.

- Новите простории ги задоволуваат сите светски стандарди за одвивање на научно-наставниот процес и претставуваат огромно проширување на нашите капацитети. Ние ќе се потрудиме тие во блиска иднина да станат претесни преку зголемување на обемот на нашите активности и привлекување на што поголем број студенти, истакна Бимбиловски.

Инаку, станува збор за  инвестиција во вредност од околу 50 милиони денари, издвоени од ресорното Министерство, реализирана во соработка со управата на Универзитетот од Охрид.

27.09.2013 - 13:15
Фото: 
Фактор.мк

најчитано сега