Столтенберг: Очекувам сите сојузници да го потпишат Протоколот за Македонија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска порача оти очекува сите земји-членки на Алијансата наскоро да го потпишат Протоколот за пристапување на Македонија. Германија веќе го стори тоа.

Столтенберг очекува дека по историскиот договор со Грција, земјите-членки на НАТО ќе го потпишат Протоколот за пристапување на земјата кон Алијансата. Процедурата предвидува Протоколот најпрво да го потпишат постојаните претставници на земјите во НАТО, по што ќе следува и свеченост на која се поканети и македонските владини претставници. Откако Протоколот ќе биде формално потпишан, потоа тој оди на одобрување и ратификација во парламентите на 29-те земји-членки на НАТО.
Бугарија вчера прва го потпиша Протоколот, а тоа го стори и официјален Берлин.

Германската влада соопшти дека приклучувањето на Македонија во НАТО е „важно за безбедноста во евроатлантскиот простор", и „важен импулс за натамошна стабилизација на Западниот Балкан“. Во Берлин се надеваат дека формалното приклучување на Македонија во НАТО ќе се случи уште во февруари годинава. Приклучувањето на Македонија во НАТО, според владата во Берлин, е „важно и за трансатлантската заедница".

„Северна Македонија во изминатите години амбициозно го реформираше својот безбедносен сектор и постигна голем напредок во сферата на правната држава и демократијата. Македонската влада се обврза да продолжи со започнатите реформски чекори“, се наведува во соопштението на германската влада.

На вчерашната прес-конференција портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт, потсети дека „пристапот кон НАТО ќе влезе во сила откако сите држави-членки на НАТО поединечно ќе ја достават информацијата дека го ратификувале пристапниот Протокол“.

„За таа цел, во Германија потребен е закон за договор. Сојузната Влада ќе се залага за брзо донесување на овој закон за договор. Од моментот кога пристапниот Протокол ќе биде потпишан во Брисел, Северна Македонија ќе има статус на набљудувач во Алијансата“, изјави Зајберт.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.01.2019 - 12:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега