„Интервјуто на Шекеринска и наштети на Македонија“

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, интервјуто на заменик претседателот на СДСМ Радмила Шекеринска за грчкиот портал „Еуро актив“, во кое таа зборува за спорот меѓу двете земји, е во корист на грчката дипломатија а е на штета на Македонија.

- Сметаме дека со пораките со кои што се изедначува одговорноста помеѓу земјата на која што и е наметнат спорот  како Република Македонија и Владата која што го наметнува спорот од страна на официјална Атина, Радмила Шеќеринска свесно или несвесно дава едно алиби за грчката дипломатија и дава дополнителен дипломатски арсенал на секој грчки амбасадор, на секој грчки министер за надворешни работи, да не мора лично да ја обвинува Република Македонија за своите позиции во овој спор,  туку да ги користи зборовите на госпоѓата Шеќеринска за обвинување на нашата држава, истакна на денешната прес-конференција Антониот Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој смета дека ваквата штета по однос на надворешно - политичките прашања е ненадоместлива.

- Надоместлива е штетата на секој или врз секој политичар во Република Македонија доколку имаме критики едни со други по однос со некој внатрешно-политички прашања по кои имаме разлики, но за жал тешко е надоместлива штетата што се создава на ваков начин по однос на надворешно-политички прашања во кои што 20 години забележуваме дека соседна Грција и покрај енормните разлики на внатрешно политички план има еден национален консензус и се говори во еден глас и со една порака и со една позиција, но пораките на Радмила Шекеринска за жал сведочат дека македонците и Република Македонија заради такви политичари сеуште немаат усогласен национален став по однос на ова за нас важно прашање, истакна денеска Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ и забележува на Шекеринаска што во интервјуто за грчкиот портал воопшто не ја споменала пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

- Со ваквото свое однесување и занемарување на пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, може да се претпоставуваат две работи. Едната е дека Шекеринска е преотповарена и фокусирана само на внатрешно-политичките прашања во Република Македонија  и не може да излезе над таа димензија, или пак другата е да се препоставува дека покрај Венизелос, Самарас и другите грчки политичари сега и Радмила Шекеринска станува политичар кој што не сака и не чувствува за потребно да ја спомене пресудата од Меѓународниот суд во Хаг, рече Милошоски. Со пораките што Шекеринска ги дала за грчката јавност, не би ме зачудило, рече Милошоски, доколку вечерва министерот за надворешни работи Венизелос, истите пораки ги употреби во комуникацијата со неговиот колега Попоски за да ја девалвира позицијата на Република Македонија.

Од владејачката партија сметаат дека оние кои извршувале високи должности во македонската Влада, треба да бидат поодговорни и повнимателни во изјавите за надворешно-политичките прашања.

26.09.2013 - 15:15

најчитано сега