До 2016 година земјоделските субвенции ќе надминат една милијарда евра

 

Поддршката од Владата за земјоделството продолжува. Се очекува до 2016 година субвенциите за земјоделството да надминат милијарда евра. 

Според најавите, следната година ќе бидат издвоени 140 милиони евра, а идните три се предвидуваат по 150 милиони евра. Од 2006-та досега, Владата во аграрот вложи 637 милиони евра.

Земјоделците велат деака субвециите драстично им го подобриле животот, им овозможиле произведување храна и за извоз, враќање кон селата и руралните средини.

- За земјоделците доаѓаат подобри времиња. Субвенциите што почнавме да ги добиваме од 2006-та година донесоа преродба во аграрот. Тие што велат дека субвенциите за земјоделците се промашени пари, грешат. Парите кои ги добиваме значат многу, и за малите и за големите земјоделци. Служат за поголем развој, за поголемо производство, вели претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров за Курир.

Тантаров вели дека за минатата влада, земјоделците претставувале само субјект кој треба да го полни Буџетот.

- Додека оваа Влада е на власт и оваа една милијарда евра одвоени за субвенции во земјоделството до 2016 година ќе се зголеми. Секоја следна влада треба да работи како оваа, вели Тантаров.

Во споредба со минатата година, годинава поддршката е зголемена за пет милиони евра, додека во однос на 2005-та кога беа реализирани 7,6 милиони евра, ова е зголемување од 132,4 милиони евра.

Со зголемувањето на субвенциите, последните неколку години континуиран раст бележи и извозот на земјоделското производство, од 242 милиони евра колку што беше пред пет години, лани достигна рекордни половина милијарда евра. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2005 година извозот изнесувал 278 милиони евра, во 2007 година бил 346 милиони евра, во 2009 година 357 милиони евра... Во првите пет месеци од 2013 година извозот е зголемен за 7 отсто во однос на истиот период минатата година.

26.09.2013 - 15:03
Фото: 
денар.мк

најчитано сега