Владата ќе поттикнува изградба на нови старски домови и детски градинки
Владата со сет мерки ќе поттикнува изградба на приватни детски градинки и домови за стари лица, кои, според најавите, ќе можат да ги користат и странски државјани.
- Градежното земјиште за оваа намена ќе има почетна цена од 1 евро за метар квадратен, а цените на комуналиите за такви објекти да биде намалена за 95 проценти, односно предлагаме коефициентот за уредување на градежно земјиште да биде изедначен со коефициентот кој е предвиден за објекти од типот на угостителски туристички објекти, комплекси и одморалишта. Исто така ќе се стимулираат правните лица кои сакаат да инвестираат во градинки и приватни домови за стари лица да ги искористат поволните кредитни линии преку Македонската банка за поддршка на развојот, објасни денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
ТОј објасни дека со законски измени ќе се овозможи и странските државјани да можат да ги користат овие капацитети за згрижување стари лица. Пешевски најави дека овој пакет мерки ќе им биде претставен и на домашните и на странските инвеститори.
- Овој пакет мерки значи збогатување на инвестициската понуда што ја нудиме пред меѓународните инвеститори. Надоврзана со активностите кои се спроведуваат за промоција на туризмот односно на природните убавини, традиционална храна и се друго што е предност на Македонија, како и пониските цени во однос на другите пазари очекуваме и ниските цени во установите за стари лица очекуваме позитивно да влијае на здравствениот туризам, истакна денеска Пешевски.
Тој верува дека поволностите, пониската цена на сместување во домовите во однос на земјите во ЕУ, природните убавини, поволната клима и убавата храна, може да побудат интерес кај постарите жители од ЕУ.
Според вицепремиерот, во пакетот мерки за изградба на приватни детски градинки се овозможува странските инвеститори кои веќе имаат изградено и отворено фабрики со поголем број на вработени во Технолошко-индустриските развојни зони да одлучат во рамките на зоната да отворат сопствени градинки или тоа да го направат во партнерство со други фирми.
- Притоа ќе бидат обезбедени услови за изградба на целосно независни објекти во рамките на овие зони со што ќе се обезбеди децата на вработените да бидат згрижени по субвенционирани цени во временски периоди кои одговараат на работодавачите и вработените, блиску до работните места, рече денеска Пешевски.
Министерот за труд и социјална политика објасни дека на идните инвеститори ќе им бидат понудени и некои од активните мерки за вработување како кредитирање или финансирање правни субјекти за отворање нови работни места, субвенционирање на вработување... Измените на законските акти да се направат во наредните два месеца, а подзаконските да бидат изменети во октомври. И Спасов очекува овие новитети да побудат интерес кај домашните и странските инвеститори.
- Со цел да овозможиме непосредна и директна комуникација отворен е кол центар на телефонскиот број 15505 каде сите потенцијални инвеститори можат да се обратат. Тоа можат да го направат и на email адресатаinvesticii@mtsp.gov.mk. Ќе се формира посебен тим кој ќе ги координира активностите, а ќе биде формирана и листа на слободни и подготвени локации на градежно земјиште во Македонија со намена изградба на приватни градинки или старски домови, како и листа на стари и неискористени објекти кои ќе можат да се продадат и преадаптираат за оваа намена, истакна министерот Спасов.
Во моментов во Република Македонија функционираат 15 приватни старски домови кои згрижуваат 460 стари лица и пет приватни детски градинки во кои се згрижени 322 деца.