Нема слободен кревет во болниците - над 50 скопјани со скршеници на снегот

Повеќе од 50 скопјани кои се здобиле со скршеници во изминатите три дена паѓајќи на замрзнатите улици и тротоари биле примени во болниците ГОБ „8. Септември“ и во „Свети Наум Охридски“.

Во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ синоќа и денеска биле примени 13 скопјани со скршеници и набиеници, но за среќа, ниту еден не е хоспитализиран.

– Синоќа примивме 5, а денеска 8 пациенти со полесни повреди од паѓање на  замрзнатите улици, но по прегледот и укажаната помош, ни еден не е задржан за операција или болничко лекување. Граѓаните многу да внимаваат кога се движат надвор на овој снег и мраз, да носат добри обувки, а најдобро е без поголема потреба, воопшто и да не излегуваат – советува д-р Иван Спировски, директор на оваа клиника, пренесе Плусинфо.

Во Градската општа болница „8. Септември“ каде веќе се пополнети сите болнички легла, бидејќи за три дена имале над 20 приеми со скршеници.

– Имаме засилен број на приеми на Ургентен, особено на пациенти со скршеници и тоа уште од завчера, 8. јануари кога се прегледани 10 лица со скршеници, најчесто на потколеници и колкови. Вчера имавме 32 прегледи, а речиси половина, 14 пациенти беа со фрактури, а примивме четворица. Денеска до пладне веќе имаме 5 лица со  скршеници, а тројца мораше да задржиме на лекување. Но немаме пациенти со скршеници само од Скопје, туку ни упатуваат од целата земја, особено од источна Македонија. Капацитетите на одделението за само три дена ни се максимално исполнети и веќе немаме место – ни рече д-р Зоран Несторовски, раководител на одделението за ортопедија и трауматологија во ГОБ „8. Септември“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.01.2019 - 15:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега