Ивон Величковски: Голема е веројатноста претседателските избори да бидат извор на криза
Претстојните претседателски избори можат да се претворат во партиско пребројување, што и тоа дополнително ќе ја намали излезноста на изборите и легитимноста на претседателот на Република Македонија, вели во интервју за Прес24, Ивон Величковски, Претседател на Либералната Партија.
-За ова се свесни и партиите, но и дипломатите. Кога произведуваа сцена во која влијателни можеа да бидат само партиите со „пиштоли и пари“, не очекуваа дегенерирање на процесот до овој степен на неупотребливост на партиите или гротескност на партиските ликови. За да имаме избран претседател на Републиката во 2019 (непосредно или во Собрание), ќе биде потребна селекција на личности. Затоа претходно најавив очекување дека партиите какви што ги знаеме овие две децении ќе се менуваат, вели Величковски, потенцирајќи дека евентуален неуспех на овие избори, ќе повлече ново уставно редефинирање на државата, нешто што ЛП го заговара веќе 20 години.
- Всушност, непринципиелното партиско договарање за претседателските избори најчесто го проектираа(т) претседателот на Републиката во точка на поделба, наместо во личност на обединување на нацијата и претседателските избори од 1994 до денес скоро по правило се извор на криза. Општата загуба на кредибилитетот на политичките лидерства и партиите и подметнувачкиот карактер на прашањето го урнаа референдумот, а изневерените очекувања од Владата можат само дополнително да ја намалат излезноста на претседателските избори. Има непотврдени информации дека на парламентарното мнозинство веќе му било сугерирано да пристапи кон уставни измени за начинот на избор на претседател заедно со овие за промената на името, бидејќи референдумските резултати јасно покажаа каков е трендот. По евентуални неуспешни претседателски избори, тоа ќе биде нужност, вели Величковски за Прес24.
ПРЕС24: Како ја оценувате 2018 година низ призмата на политичката сцена во Македонија?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Прво да Ви ги честитам Божиќните и Новогодишните празници и да Ви посакам и Вам и на читателите попросперитетна и поспокојна 2019 година. Ја споделувам општата оценка дека зад нас останува една тешка година, а според влогот од минатата, ниту 2019 година нема да биде лесна. 2018 беше турбулентна година која не чинеше многу нерви, а нема навестување за значајно подобрување на животниот стандард, на системот на управување и владеење и перспективите воопшто не се розови, па апатијата е најава за идните фази од незадоволството од она што го нуди политиката.
ПРЕС24: Дали економската или политичката слика беше подобра или полоша?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Обиди за подобрување имаше, но ефекти – не. Ја плаќаме цената на политичката криза исцртана од 24 декември 2012, „официјализирана“ со изборите 2014. Иако некои домашни политичари и дипломати побрзаа да оценат 2016/17 дека кризата завршила, треба да сфатиме дека политичка криза не започнува и не завршува со политички изјави и дипломатски оценки. Криза започнува кога институциите се парализираат или злоупотребуваат, а завршува кога институциите се раководат според насоките верификувани на избори, кога функционираат по закон и ја гарантираат правдата. Затоа, декларативните оценки се дека има подобрување, но фактички сите сме свесни дека нема значаен исчекор. Илузиите чинат скапо, а освестувањето е горко. За почеток, добро е што општествената сфера е разбудена. Последен пример е како јавноста ги презре обидите на некои владини партнери за прогресивниот данок да играат „ни риба, ни девојка“ и им порача - ако не ја поддржувате даночната политика на владата, излезете од неа. Јавноста е изградена, електоратот е свесен и буден и ги чита евтините блефови – било да се од власта, од партиите, од омилените нво/медиа групировки на евро-дипломатите, од самите дипломати – и тоа е суштинското подобрување во 2018.
ПРЕС24: Може ли 2019 да биде година на затворање на крупните политички прашања за Македонија?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Ако зборуваме поедноставено за членството во НАТО – да, по завршувањето на уставните измени ќе тргнеме по тој пат, но некои предизвици допрва ќе се отвораат бидејќи членство во Алијансата значи многу повеќе од додавање на уште едно знаме на јарболот. Периодот на ратификацијата во националните парламенти ќе треба да го искористиме и за одредени кадровски и временско-системски адаптации со кои ќе треба да расчистиме со остатоците од нашето одбранбено-безбедносно минато. Ако зборуваме за датум за преговори со ЕУ – би останал повоздржан, имајќи предвид дека трендовите ќе бидат јасни по евро-изборите, а засега не му одат во прилог на проширувањето како процес. А ако сме реални – клучно и крупно политичко прашање за Македонија е пристапувањето кон суштински економски реформи, соработка со соседите и системски промени на подобро. Значаен момент тука е ревидирањето на политичката сцена и верувам дека добар дел од партиите ќе доживеат суштинска трансформација, а генератор на овие процеси ќе бидат претседателските избори.
ПРЕС24: Оваа година ќе биде изборна, дали се погласните скептични проценки за неуспешни претседателски избори од агол на неисполнување на цензусот можат да отворат нов политички процес на уставно ревидирање?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Две децении повикуваме на избор на претседател на Републиката во Собрание со адаптирање на неговите ингеренции, затоа што во непосредното избирање прескапо не чинат мега-договорите што си ги прават големите партии, па до денес само првиот мандат на Иванов не беше со оспорен легитимитет од опозицијата. Всушност, непринципиелното партиско договарање за претседателските избори најчесто го проектираа(т) претседателот на Републиката во точка на поделба, наместо во личност на обединување на нацијата и претседателските избори од 1994 до денес скоро по правило се извор на криза. Општата загуба на кредибилитетот на политичките лидерства и партиите и подметнувачкиот карактер на прашањето го урнаа референдумот, а изневерените очекувања од Владата можат само дополнително да ја намалат излезноста на претседателските избори. Има непотврдени информации дека на парламентарното мнозинство веќе му било сугерирано да пристапи кон уставни измени за начинот на избор на претседател заедно со овие за промената на името, бидејќи референдумските резултати јасно покажаа каков е трендот. По евентуални неуспешни претседателски избори, тоа ќе биде нужност.
ПРЕС24: Каде Либералната партија се гледа себе си во претседателската трка, како поддржувач на некој од кандидатите на коалициите или пак како самостоен учесник на идните претседателски избори?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Т.н. самостојни учесници на претседателските избори од 1999 наваму најчесто изгруваа „спотери“ за излезност и редистрибуција на гласови за големите партии. 20 години потоа, нема потреба за повторување на грешките. Друга работа би била процес за собирање по линија на идеологија или правец на општествено-политичка консолидација, но таков засега нема. Класичниот начин на селекција на кандидати и само партиска поддршка за нив ќе биде најголем загрозувач на излезноста. Доведеноста на партиите до ѕид може да предизвика Заев да биде кандидат на СДСМ, а неговата предност ќе биде онолку голема колку што ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со класичен партиски кандидат што нема да создаде нова општествена и политичка енергија. Во такви околности, претседателските избори ќе прераснат во партиско пребројување и тоа дополнително ќе ја намали излезноста на изборите и легитимноста на претседателот на РМ. За ова се свесни и партиите, но и дипломатите. Кога произведуваа сцена во која влијателни можеа да бидат само партиите со „пиштоли и пари“, не очекуваа дегенерирање на процесот до овој степен на неупотребливост на партиите или гротескност на партиските ликови. За да имаме избран претседател на Републиката во 2019 (непосредно или во Собрание), ќе биде потребна селекција на личности. Затоа претходно најавив очекување дека партиите какви што ги знаеме овие две децении ќе се менуваат.
ПРЕС24: Колку е реално претседателските избори да повлечат и вонредни парламентарни избори?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Не ја исклучувам таквата можност но, во овие политички околности, на почетокот на јануари, вонредни парламентарни избори повеќе се за очекување како последица на претседателските избори, одошто заедно со нив.
ПРЕС24: Иванов во мај го завршува својот претседателски мандат од 10 години. Како ја оценувате неговата улога во македонската политичка сцена?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Во однос на мандатот на претседателот 2009-14 одговара максимата „Големите очекувања носат и големи разочарувања“. Во однос на престојот на Иванов во вилата „Водно“ изминативе пет години, може слободно да се оцени дека тој е дел од проектираната поларизација на македонското општество и меѓу општествата во Македонија, што придонесе земјата да се најде на работ на амбисот. Сепак, прецизна оценка за тоа прашање ќе може да се даде кога ќе се знае колку професорот Иванов бил креатор, а колку последица на политиките на тогашното раководство на партијата што го предложи за претседател на Републиката.
ПРЕС24: Иванов во новогодишното обраќање обзнани дека тој и неговото семејство, членови на неговиот Кабинет биле следени од УБК. Но, таа негова изјава како да не доби сериозност во јавноста. На што се должи тоа? Дали јавноста веќе воопшто и не реагира кога некој ќе каже дека некој е следен и прислушуван?
ВЕЛИЧКОВСКИ: За тоа има најмалку три причини. Првата е што тој со своето однесување беше дел од кризата што ја „гази“ земјава веќе седма година и не се издигна над ниту една од партиите-чинители на кризата. Второ, затоа што неговата и улогата на неговиот Кабинет во развојот на кризата и настаните од 2014 до 2017 е активна, било низ сторување, било низ несторување на дела. И трето, затоа што никој не верува дека не се прислушкува, напротив, јавноста би се изненадила доколку прислушкувањето за политички потреби престанало во Македонија.
ПРЕС24: Дали по законот за амнестија, Македонија ја постигна целта на тој процес на помирување?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Во Македонија имаше само обид за помирување меѓу партиите и партиско-економските елити, со премолчана согласност и разбирање од странските дипломати. Тие беа потребни при формирањето робусни мнозинства за големите договори во 2001/02 и 2017/18, а всушност такви како што беа формирани – на основа на „пакт со ѓаволот“ и полициско-политичките подземја – ги корумпираа процесите и ја криминализираа политиката. Бидејќи ова ни е јасно на нас во Македонија од поодамна, „постигнувањето“ е што сега бриселските бирократи и дипломатите се доведени на „чистина“ да покажат дали и натаму ќе соработуваат со нив и ќе се компромитираат и себеси и структурите што ги претставуваат, односно дали ќе бидат со граѓаните или со елитите.
ПРЕС24: Може ли Македонија по затворањето на прашањето за името, конечно да се надева дека е на пат кој води кон излез од политиката на која навикнавме во изминативе три децении?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Излезот од таа тридецениска политика е во селекција на политичарите и групациите кои сфаќаат дека заврши времето на Македонија што функционира само по еден коридор и дека улогата на политичарите е да го направат исчекорот кон интеграциите отворајќи ја земјата како регионална комуникациска раскрсница без да се загрози нејзината западна, европска и евро-атланска содржина. Значи, патот кон излезот е во политиките и политичарите кои нема да се кријат зад флоскулите на ЕУ-бирократите, туку ќе ја градат Македонија како посакуван партнер на соседите, на регионот, на Европа и на САД. И кои ќе ја сработат домашната задача градејќи: пазарно, наместо буџетски спонзорирано тендерашко стопанство; држава со институции, наместо со партиски експозитури во системот и владеење на правото наместо на политички спонзорираната неказнивост. Ниту една од овие слабости не беше предизвикана од името, туку од клепто-политичарите кои спорот за името го користеа како алиби за нивните постапки или за продолжување на сопствениот „рок на траење“. Политички одговорно е да се ставиме на располагање и сите коишто ја споделуваме ваквата визија заедно да го изодиме овој пат исполнет со многу предизвици. Впрочем „и најдолгиот пат започнува со првиот чекор“, нели?
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа