Иванов се сретна со баронесата Франсис Д’Соуза
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во Скопје оствари средба со баронесата Франсис Д’Соуза, претседател на Горниот дом на Британскиот парламент. На средбата биле разменети мислења околу билатералните односи меѓу двете земји, економската соработка, како и за состојбите и перспективите на земјите од регионот за членство во Европската унија и НАТО.
Иванов, информираат од неговиот кабинет, нагласил дека единствена движечка сила во регионот која упатува на соработка и взаемна поддршка и со која се истиснуваат анимозитетите и предрасудите од минатото, е идејата за Европа.Македонскиот претседател изразил очекување земјите членки на ЕУ, вклучувајќи го и Обединетото Кралство, да бидат адвокати на македонските аспирации за членство во евро-атланските структури, да помогнат и да ги забрзаат тие процеси.
Иванов изразил задоволство од посетата на баронесата Д’Соуза, додавајќи дека нашата земја придава особено значење на развојот на односите и соработката со Обединетото Кралство.