Катастар: Имателите на инфраструктурни објекти да ги достават податоците за подземните и надземните инсталации

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славчо Трпевски, денеска упати апел сопствениците на инфраструктурни објекти навреме да ги достават податоците за подземните и надземните инсталации заради воспоставување на подземниот катастар, а геодетските фирми што ќе ги вршат мерењата што поскоро да ја набават потребната опрема.

- Обврската на сите иматели на инфраструктурни објекти е до април сите податоци  што ги имаат во нивните бази да ги достават до Агенцијата за катастар на недвижности за да бидат евидентирани. Законската обврска за добивање имотен лист е пет години од донесувањето на законот, односно до 2018 година, изјави денеска Трпески, кој додаде дека целта е што поскоро да почне премерот затоа што ќе треба да бидат опфатени милиони километри инфраструктура. 

Од Комората на трговски друштва за геодетски работи велат дека  биле вклучени уште во активностите за подготовка на целиот проект и се запознаени што треба да се преземе. 

- Трговските друштва за геодетски работи поседуваат стручен кадар, а моментно интензивно се работи на наоѓање производители на опремата - скенери за подземни снимања. Апелирам  до геодетските фирми час поскоро да ја набават  опремата во рамки на своите можности бидејќи, сепак, постои различна опрема од овој тип, како по квалитет, така и по цена. Имателите  на инфраструктурните објекти, пак, треба да ги достават своите податоци до Катастарот заради евидентирање на објектите, а потоа и  да склучат договори со геодетските фирми, изјави претседателот на Комората Борис Тунџев.

Од Катастарот очекуваат да наидат на застој  во реализацијата на проектот кај општините, но очекуваат  тоа да се надмине со нивен ангажман и запазување на роковите. 

26.09.2013 - 12:22
Фото: 
Евести

најчитано сега