Бечев: Бугарија треба да биде конструктивен играч за влезот на Македонија во ЕУ
Бугаринот Димитар Бечев од Европскиот совет за надворешни односи на конференцијата „Иднината на Западен Балкан и улогата на Турција” денеска испрати порака дека Бугарија треба да биде конструктивен играч во однос на пристапувањето на Македонија кон ЕУ и дека не е конструктивно што ја копира Грција со блокадите на Европскиот совет.
- Јас говорам во име на Советот, а не во име на бугарската Влада. Моите анализи се дека од судирот околу прашањето за името меѓу Македонија и Грција, Атина нема никаква штета и потреба од брзање. Но, не гледам дека и на Скопје му се брза. Оваа лимбо-ситуација не е добра за никого. А, во однос на Бугарија, сметам дека земјата треба да биде конструктивен играч, а не е конструктивно тоа што исто како и Грција ја блокира Македонија. Тоа го форсираше претходната Влада, а е против европските вредности, посочи бугарскиот експерт за евроинтеграции Димитар Бечев, за МИА.
Според Бугаринот од Европскиот совет за надворешни односи, тој би бил најсреќен ако Македонија набрзо ги почне преговорите.
Од своја страна пак, Аксел Сотирис Валден од Директоратот за проширување на Европската комисија, посочи дека е ”ирелевантно да каже нешто лично за прашањето за името како грчки граѓанин”, но ја повтори добропознатата позиција на Комисијата во однос на потребата за добрососедски односи на Македонија со Грција и Бугарија.
- Многу пати сме кажале дека ова прашање мора да се реши. Крајно време е, посебно по пресвртот со договорот Приштина-Белград, што значи дека и вашето прашање може да се реши. Ние како ЕК ги поддржуваме напорите за изнаоѓање решение под закрила на Обединетите нации, а и сме критичари на изјавите и делувањата што го прават решението потешко. Ние во Комисијата мислиме дека билатералните прашања меѓу земјите од проширување и земјите-членки не треба да се внесат во процесор на пристапување, посочи Сотирис-Валден од Европската комисија.
На оваа конференција, на прашање од страна на дописникот на МИА за создавањето на Турковизија, музички фестивал што би бил пандан на Евровизија и дали тоа значи формално одделување на Турција и пријателите на оваа земја од ЕУ, Керем Октем од Оксфорд Универзитетот, со одговор дека сето тоа е “дел од поголемиот комплет од националистички културни политики на културна дипломатија на Турција, во која спаѓаат и турските ТВ-серии“.