Заев: Во Струмица тендери добиваат фирмите кои имаат најдобри понуди
Општина Струмица, согласно Законот за јавни набавки досега има склучено договори, односно тендери вредни над 100 милиони евра. Во последниве 12 месеци, само Општина Струмица, без нејзините јавни претпријатија и установи, исплатила пари на повеќе од 400-тини фирми. Во легална, законска процедура за извршени работи.
Во Законот за јавни набавки не постои критериум семејно сродство или партиска определба, туку најповолна понуда и најниска цена. Од овие 400-тини фирми, околу 170, или речиси половината се управувани или во сопственост на симпатизери, членови, активисти или функционери на ВМРО ДПМНЕ.
За илустрација ќе спомнам само неколку.
Фирмата „Жикол“ има добиено и реализирано тендери во вредност од приближно осум милиони евра,
„АЛ-МАКС“,преку сто илјади евра,
„Дигитал“,над еден милион евра,
„Џови компани“ над сто илјади евра,
„Сим-Компани“,преку двеста илјади евра,
„Европа 92”, преку педесет илјади евра,
„Пронекс Хем“,преку двеста илјади евра.
Тука не се пресметани јавните претпријатија и установи во состав на Владата на Никола Груевски што исто така конкурирале и добивале пари од Општина Струмица.
И не само што добиваат тендери, туку градежните и други активности ги изведуваат членови и симпатизери на ВМРО ДПМНЕ, облечени во маици што ја величаат преродбата, за што сведочат овие фотографии...
Ваквото однесување на членовите и симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ и покрај можноста да биде сфатено провокативно, ниту некогаш било проблем, ниту некој изреагирал и ги попречил во работењето.
Да го прашам господинот Груевски, хипотетички. Дали на објект на Владата или во некоја од општините под ваша власт доколку се појават работници облечени во симболи на СДСМ, би извлекле жива глава?
Дополнително, начинот како се добиваат тендери во Општина Струмица најдобро го опиша фирмата ,,АЛ-МАКС” во сопственост на актуелниот пратеник на ВМРО ДПМНЕ во републичкото собрание - господинот Васил Пишев. Во дописот до медиумите, фирмата ,,АЛ-МАКС” појаснува дека навистина добила тендер од Јавното Комунално Претпријатие „Комуналец“ од Струмица, но, внимавајте добро, како фирма што понудила најдобри услови на пазарот.
Вашиот Васил Пишев, господине Груевски, пластично Ви објасни дека тендер во Општина Струмица добива оној што нуди најдобри услови. Во Општина Струмица не се даваат тендери, како што објавуваат вашите партиски полтрончиња на привремена работа во Владата. Во Општина Струмица се добиваат тендери, согласно Законот за јавни набавки.
Практика за давање и доделување тендери на блиски роднини, пријатели и сопартијци е Ваша одлика, господине премиер. Доколку имавте основано сомнение за непотизам и судир на интереси, Вашата власт кривично ќе ме гонеше, а не преку прес конференции, на кои презентирате стари документи, што ги објавувате при секој изборен циклус. Власта поднесува пријави за вакви работи за кои ме обвинува,а не да држи прес конференции.
Господине Груевски, ако веруваа во вашите лаги, граѓаните на Струмица немаше по трет пат да ме изберат за градоначалник. Покрај сите закани, притисоци и поткуп на 10-тина илјади гласачи. Доколку имаше нешто нечесно во моето работење, граѓаните ќе ме казнеа на избори, а Вашата власт најсурово ќе се пресметаше со мене.
Господине Груевски, годишно трошите по 25 милиони евра народни пари за сатанизирање на опозицијата. Вклучително и на моето семејство.
Господине Груевски, Ви повторувам ! Ниту ќе ме исплашите, ниту ќе ме замолчите. Хајката што ја водите против мене и моето семејство само дополнително ме мотивира да Ве спречам во немилосрдниот грабежот и трошење на парите на граѓаните на Република Македонија. Документирано, со факти и аргументи.
На темата чест и морал со Вас во иднина ќе разговарам единствено ако се охрабрите и прифатите директно телевизиско соочување.
Без монтажи, кратења и парафразирања.
Мојот наспроти Вашиот збор.
Па нека проценат граѓаните чија одлика се честа и моралот.
Заев, или на Груевски.
Реакција на Заев на изјавата на ВМРО-ДПМНЕ.