Нови детали за пукањето во Чаир: Три лица под истрага, едно во бегство
Три лица се лишени од слобода и ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, а едно лице е во бегство во врска со пукањето што се случи пред два дена на паркинг позади маркет во Чаир.
Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека е поведена истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – насилство според Кривичниот законик.
Тројцата се осомничени дека на 20-ти овој месец на паркингот позади маркет во Чаир, извршиле грубо насилство со кое предизвикале тешка телесна повреда кај едно оштетено лице, а во јавноста предизвикале чувство на несигурност и страв.
-Осомничените му се приближиле на оштетениот и го нападнале удирајќи го со тупаници по лицето и телото. Непознато машко лице, кое било заедно со нив, извадило огнено оружје и со него испукало два куршуми. Притоа го погодил оштетениот во десната потколеница и му нанел тешка телесна повреда, се наведува во соопштението од ЈОРМ.
Надлежен јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судија на претходна постапка доставил и предлог за определување мерки на претпазливост за осомничените – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патните исправи, како и забрана да му се приближуваат на оштетениот.
Повреден во пукањето беше економскиот директор на Клиниката за гинекологија, Ваљон Беља.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа