Горан Милевски: Постојано разговараме со Премиерот но за жал проблемите не се решаваат

 

Реизбраниот претседател на ЛДП, Горан Милевски не стравува од сериозни внатрепартиски потреси, иако по Конгресот, или Собранието една од пратеничките одлучи да настапува независно.

-Партијата во минатото ја напуштиле големи имиња како: Стојан Андов, Стевчо Јакимовски, Лилјана Поповска, Андреј Жерновски и таа успеала да опстои. Денес ако некој наумил да замине, јас сум убеден дека ЛДП ќе опстане и ќе биде уште посилна бидејќи оваа партија ја води либералната идеологија и либералните вредности, приврзаноста кон идеалите на партијата се посилни од секој обид да и наштетат на партијата, вели Милевски во интервју за Прес24.

Либерал-демократите, коалициони партнери на власта, неодамна изразија јавно незадоволство од партиципирањето во владата и најавија можност за самостоен настап на претседателските избори.

- Разговараме постојано на најразлично ниво, за тоа не можам да имам поплаки, премиерот е достапен во секој момент, но очигледно проблемите не се помрднуваат и доведоа до тоа јавно да се изнесат, вели Милевски за Прес24.

 

ПРЕС24: Паралелно со Вашиот реизбор за Претседател на ЛДП се случи и најавата на една од пратеничките дека ќе дејствува независно во Собранието. Дали ова е некаков подлабок внатрепартиски судир, или пак незадоволство од Вашиот реизбор?

МИЛЕВСКИ: Во секоја партија, па и во нашата постои постојан влез и излез на кадри. Партиите се жива материја и тоа е природен процес на селекција на кадри. Најавата на пратеничката многу нė ја вознемири партијата во смисла на некаков сериознен потрес, иако сме разочарани од нејзиниот чекор бидејќи ја изневери довербата која и ја дал Централниот одбор на партијата. На самото гласање таа освои 31 глас наспроти големата поддршка која ми ја дадоа делегатите од 294 гласови за мојот избор за претседател. Соодносот 300 спрема 30 јасно укажува дека во партијата нема сериозни поделби. Има незадоволници, но тоа е нормално. Не може секој, секогаш да ве сака.

ПРЕС24: Корубин вели дека нејзината одлука не е самоиницијативна и дека ќе следуваат нови потреси во Партијата. Кој е вашиот коментар на тоа?

МИЛЕВСКИ: Партијата во минатото ја напуштиле големи имиња како: Стојан Андов, Стевчо Јакимовски, Лилјана Поповска, Андреј Жерновски и таа успеала да опстои. Денес ако некој наумил да замине, јас сум убеден дека ЛДП ќе опстане и ќе биде уште посилна бидејќи оваа партија ја води либералната идеологија и либералните вредности, приврзаноста кон идеалите на партијата се посилни од секој обид да и наштетат на партијата.

Може да има краткорочна штета во поглед на негативна перцепција во јавноста, дека во ЛДП нешто се случува, но на среднорочен план, партијата ќе излезе и посилна бидејќи јасно ќе се избистрат намерите на поедини или интересни групи кои се во интерес на некоја друга партија, но тоа брзо ќе се издиши.

ПРЕС24:  Очигледно е дека една од причините е и Вашиот критички став кон власта. Рековте на конгресот дека не сте задоволни од учеството во власта. Што подразбира тоа?

МИЛЕВСКИ: Не знам кои се вистинските мотиви на пратеничката, времето ќе го покаже тоа. Премногу долго на политичката сцена постоеше страв јасно да се изјаснувате и да ги кажувате своите ставови и размислувања. Една од причините поради која се боревме да го срушиме режимот беше и слободата на говор, јасно изразување на критички ставови, на борба за вредности и идеали.

Се уште чувствуваме отпор на системот спрема вредностите кои за нас се нормални. Нема ништо страшно ако не се согласувате со коалициониот партнер за некои работи и нема лошо ако јавно кажете дека сакате некои промени. Ако тоа се разбира како непријателски чин тогаш имаме проблем со матрицата на размислувањето.Ако има несогласувања, ако има незадоволство тоа треба јасно да се каже за да може да се најдат решенија на проблемите. Ако молчите, тогаш проблемот не се решава, ќе тлее и ќе избувне тогаш кога најмалку очекувате. Незадоволството мислам дека ќе се надмине ако се има слух за реално гледање на работите.

ПРЕС24: Колку време траат ваквите состојби во коалицијата, дали досега сте разговарале за тоа?

МИЛЕВСКИ: Разговараме постојано на најразлично ниво, за тоа не можам да имам поплаки, премиерот е достапен во секој момент, но очигледно проблемите не се помрднуваат и доведоа до тоа јавно да се изнесат.

ПРЕС24: Она што исто така беше впечатливо е Вашиот став за амнестијата, но и за зголемувањето на даноците... Колку тие разлики со владејачката СДСМ можат да го променат коалицискиот однос?

МИЛЕВСКИ: Делот во даночната политика е посебна работа. ЛДП беше прва партија во Македонија која го даде предлогот за рамниот данок. Таа наша идеја подоцна ја реализира Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Несериозно е сега ние да го менуваме нашиот став кон ова прашање кое е класично социјал-демократско решение и од тој поглед нема ништо спорно. Едноставно ова решение се коси со нашата програма, а ова наше мислење беше јасно изнесено уште во периодот кога се создаваше економската програма на тогашната опозициона коалиција. Уште тогаш ставивме до знаење дека ова решение ние не можеме да го поддржиме.

Инаку ние се залагаме за помали даноци следствено на тоа и помали буџети на државата. Наше мислење е дека оние кои ги создаваат парите најдобро знаат и како да ги потрошат. Државата треба што помалку средства да зема од граѓаните, да  дава квалитетни услуги со ефикасна администрација и парите да остануваат кај граѓаните и стопанството.

ПРЕС24: Кога планирате да разговарате со премиерот Заев за внатре коалициските состојби и што ќе барате во тие разговори?

МИЛЕВСКИ: Како што кажав ние сме во постојана комуникација, разговаравме и пред и после Конгресот на ЛДП кој кај нас се вика Собрание. Официјална средба помеѓу тимови на СДСМ и ЛДП на највисоко ниво ќе имаме следната недела.

ПРЕС24: На Конгресот на ЛДП беше забележително присуството на ВМРО ДПМНЕ... Влатко Ѓорчев изрази поддршка. Дали ЛДП е поблиску до коалиција со ВМРО ДПМНЕ, отколку со СДСМ?

МИЛЕВСКИ: ЛДП е најблиску до коалиција со граѓаните базирана на либералната платформа и вредности. Сакаме да работиме на сопственото профилирање на сопствените вредности и во оваа насока не размислуваме за какви било коалиции со било кого.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ беа на нашиот Конгрес и нам ни е драго за тоа, исто како што беа присутни претставници на сите други партии од Македонија како, парлманетарни така и вонпарламентарни, претставници на партијата на Македонците од Србија, нашите сестрински либерални партии од регионот како и претставниците на АЛДЕ тоа е Алијансата на либералите и демократите на Европа која е трета сила во европскиот парламент. Само со разговори и фер однос можеме да го постигнеме помирувањето. Да се натпреваруваме без навреди, без квалификации, подметнувања, спинувања, без поделби. Да се натпреваруваме за проекти, решенија кои ќе им ги понудиме на граѓаните, секој од позициите на својата идеологија како либерална, демохристијанска или социјалдемократска.

ПРЕС24: Најавивте можност и за самостоен настап на Претседателските избори следната 2019 година. Тоа е повеќе како порака до СДСМ, или пак реална опција?

МИЛЕВСКИ: Реална е можноста, желбата исто така. Нашата намера е да им дадеме можност за избор на граѓаните, да има повеќе кандидати за претседател на државата, па нека победи подобриот. Ние циклично на секои 10 години вадиме сопствен кандидат. Во 1999 година тоа беше Стојан Андов, во 2009 година тоа беше Нано Ружин а сега во 2019 година мора да се следи тој процес и да истакнеме сопствен кандидат меѓудругото и да ја одржуваме во кондиција нашата партија. Нашиот кандидат да зборува за либерализмот и за либералните слободарски вредности. Да биде личност која ќе ги обедини сите граѓани независно на партиската припадност, верска, национална или било која друга. Имаме капацитет, има и клима во јавноста за нешто различно и таа прилика мора да се искористи.

ПРЕС24:  Кој би бил Ваш претседателски кандидат?

МИЛЕВСКИ: Тоа останува да почекате да слушнете во февруари кога партијата ќе донесе конечна одлука за начинот на настап на претседателските избори. Ако се исполнат нашите очекувања и проценки тогаш во февруари ќе го објавиме нашиот кандидат. Тоа е наша желба но дали ќе се оствари навистина не можеме сега да ја решиме таа дилема.

ПРЕС24:  Што се однесува до надворешната политика на актуелната власт, тука веројанто немате несогласувања со СДСМ? Ќе остане ли Вашата поддршка за уставните измени?

МИЛЕВСКИ: Колку и да се тешки и болни компромисите кои ги прави државата во овој момент свесни сме дека тие мора да се направат за да обезбедиме сигурна иднина на државата и на нашите граѓани. Мора во овие геополитички констелации да бидеме мудри и да ги донесеме вистинските одлуки. Нека идните генерации имаат разбирање за моментот и нека ги исправаат неправдите кои им се нанесуваат на македонската држава и народ. Во оваа насока ЛДП ќе остани доследна до евроатланскиот курс кој го трасиравме од почетоците на нашето формирање. На таа тема пазари и компромиси нема.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.12.2018 - 12:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега