Предлог програмата за одбележување јубилеи пред пратениците
Денеска во рамки на продолжението на 72. седница, пратениците на македонското собрание расправаат за Предлог-програмата за одбележување јубилеи на значајни настани и истакнати личности во 2013 година.
Предлог-програмата содржи јубилеи од 22 настана и 41 личност, а два од нив беа предложени на седницата за собраниската Комисија на култура. На предлог на пратеникот Митре Велјановски од СДСМ програмата се дополни со одбележување 70 години од формирањето на Првата македонско-косовско ударна бригада, а на Комисијата беше прифатен и предлогот на Фламуре Демири-Креци од Национална демократска преродба да се одбележат 80 години од раѓањето на албанскиот ликовен уметник Адем Кастрати.
Според Бехиџудин Шехапи од ДУИ овогодишната програма ќе се помни по задоцнувањето на нејзиното донесување: - Исто така донесувањето на оваа програма ќе се запомни и по контруктивниот ангажман на работната група која беше ангажирана за изнаоѓање решение за еден компромис за понудените датуми, или за јубилејните годишнини или истакнати личности. Ова годишна програма ќе се запомни и по однос на консензусот на сите политички партии и на пратениците, членови на Комисијата за култура и работната група, изјави Шехапи.
Неговиот партиски колега Беким Ќоку претходно посочи на буџетот кој се одвојува за прослава на датумите кои се од значење за Албанците.
На дневен ред на 72. седница се и предлог на законите за ратификација на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за измени и дополнувања на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за меѓусебно извршување на судските одлуки во кривичните предмети, на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за измени и дополнувања на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за екстрадиција, на Третиот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција и на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за соработка при изградбата на гасоводот - кракот за испорака на гас во Република Македонија.
Пратениците треба да се изјаснат и за предлог на закон за претворање на побарувањето на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото Тутунски Комбинат АД Прилеп, за предлог на законите за изменување и дополнување на Законот за лизинг, на Законот за јавните набавки, на Законот за авторското право и сродните права, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за управување со отпадот, на Законот за научно - истражувачката дејност и на Законот за странците, сите во прво читање. На дневен ред е и Предлог на закон за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, дополнувањето на Законот за вработување и работа на странци, во прво читање и други закони.