Рохани: Иран не претставува закана за светот

 Иран е подготвен веднаш да почне преговори за својата нуклеарна програма, изјави вчера иранскиот претседател Хасан Рохани во обраќање пред Генералното собрание на ОН.

Според него, овие преговори треба да „имаат јасно определен рок и да бидат насочени кон постигнување резултат“.

Рохани изјави дека преговарачкиот процес треба да биде во функција на „воспоставување на взаемна доверба“. Тој, исто така, нагласи дека е отворен за преговори со САД за „надминување на разликите“.

Според него, Иран „не сака зголемување на тензиите во односите со САД“. Тој изрази надеж дека американскиот претседател Барак Обама нема „да потпаѓа под влијанието на групи, кои поттикнуваат војна“ за надминување на нуклеарниот спор со Техеран.

- Нуклеарната програма на Иран има исклучително мирновременски цели. Нуклеарното оружје и оружјето за масовно уништување немаат место во воената доктрина на Иран. Овие оружја им противречат на нашите основни религиозни и морални убедувања, изјави Рохани во своето прво појавување на меѓународната сцена откако пред неколку месеци стана претседател на Иран.

Рохани изјави дека секое прашање може да се реши со умереност и отфрлање на насилството. Тој ги критикуваше меѓународните санкции против Иран и ги спореди со казнените мерки против Ирак во времето на Садам Хусеин.

Според него, од санкциите страдаат обичните луѓе, а не политичките елити.

Рохани изјави дека најголема закана за Блискиот Исток ќе пртставува доколку хемиското оружје падне во раце на екстремистички и терористички групи.

25.09.2013 - 13:09