Владина делегација ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев
Денеска по повод чествувањето 110 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, владина делегација ќе положи цвеќе на неговиот гроб.
Владината делегација ја сочинуваат министерот за култура Елизабета Канческа Милевска, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и заменик министерот за одбрана Емил Димитриев.
Инаку, животот на Гоце Делчев започнува на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
- Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и, тогаш, тие доброволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“.
ФОТО:Сител