Баронесата Д'Соуза: Ќе помогнеме колку можеме Македонија да ја видиме во ЕУ и НАТО
Денеска баронесата Д'Соуза, спикер на Горниот дом на британскиот Парламент, е во посета на Македонија. Таа искажа поддршката за влезот на Македонија во Еу и НАТО.
- Обединетото Кралство и Република Македонија имаат навистина силни пријателски врски. Ние секогаш го поддржуваме членството на Македонија во ЕУ и во НАТО и правиме се што е можно тоа да се оствари, изјави баронесата Д'Соуза по средбата со собранискиот спикер, Вељановски.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски истакна дека нивната средба е придонес кон унапредување на односите на двете држави кои традиционално се добри и целат кон континуиран развој.
- Денешната средба е само уште една потврда за пријателските и партнерски односи што Република Македонија ги гради со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и уште една потврда за подготвеноста на двете страни за интензивирање на односите и соработката во сите сфери од заемен интерес, изјави претседателот на македонскиот Парламент.
- Раменивме мислење и за парламентарната соработка и за нејзино интензивирање на ниво на групи за соработка и на работни тела, како и за унпаредување на економските односи и бизнис можности и други прашања од значење на граѓаните на двете држави, изјави Вељаноски.
Баронесата денеска исто така се обрати пред пратениците во македонското Собрание, а имаше средба и со претседателот на пратеничката група за соработка со Парламентот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Ермира Мехмети и со нејзините членови.
Претходно положи венец свежо цвеќе на Споменикот на паднатите херои за Македонија наспроти Собранието.